Skip to main content

Започна проектот за стерилизација на бездомните кучиња

Општина Охрид, во соработка со здружението за заштита на животни „Анималиа“ и ветеринарната амбуланта „Маја Тамара вет“ започнаа со проектот за стерилизација на бездомните кучиња. Од „Анималија“ велат  дека стерилизацијата е единствената хумана и  законска мерка со која би се довел бројот на бездомните кучиња во нормала.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Започна проектот за стерилизација на бездомните кучиња. Овој проект го спроведува општина Охрид, во соработка со здружението за заштита на животни „Анималиа“ и ветеринарната амбуланта „Маја Тамара вет“. Целта секако е намалување на бројката на бездомни кучиња во општината. Проектот се реализира со буџетски средства на општината во висина од 80 000 ден. и опфаќа стерилизација на бездомните кучиња, нивно привремено сместување во простор за таа намена со секојдневна грижа од волонтерите на „Анималиа“, активности за нивно вдомување, а доколку не бидат вдомени враќање на местото на нивното заловување.

Она што сакам да истакнам е дека од овие средства по основ на хонорари не се издвојува ниту денар за нашите волонтери. Целта ни е средствата максимално да ги искористиме за стерилизација на што поголем број кучиња како би се решил овој горлив проблем на општината, вели  Климент Арнаудов- волонтер во „Анималија“.

Арнаудов вели дека стерилизацијата е единствената хумана и  законска мерка со која би се довел бројот на бездомните кучиња во нормала. Во моментов не знаат точно колку бездомни кучиња има на територијата на Охрид бидејќи волонтерите се зафатени со стерилизацијата, па не можат да ги пребројуваат на терен, но потврдува дека има појава кога од други градови кучињата се носат кај нас.

Апелираме и до другите градови ширум Македонија да покажат голема сериозност околу овој проблем и да прибегнат кон решавање на истиот  ваков начин, со нивна стерилизација, а не со нивна дислокација ширум другите градови и запуштени места или пак на нивно труење што е казниво со закон, вели Арнаудов.

Стерилизираните кучиња ќе си ја чуваат територијата и нема да дозволуваат други кучиња да ја запоседнат нивната област, со што ќе се спречи и групирање на кучиња, објаснуваат од „Анималија“. Тие бараат граѓаните да бидат трпеливи, бидејќи не може  сите кучиња наеднаш да бидат стерилизирани.