Започна сезоната на уништување на трската
Во Охридското езеро има стотина комплекси на трска кои несовесните граѓани ги палат и уништуваат секоја година пред почетокот на вегетациониот период и пред градежната сезона. со Целта е профит преку изградба на плажи и проширување на приватните имоти.
Повторно опожарена трска во струшко Калишко поле. Деновиве пеплосана е езерска трска на површина од 400 метри должина и 40 метри ширина. Со години немилосрдно се уништува појасот на трската во Охридското езеро. Доколку тоа не запре на најбистрото и најстарото езеро во Европа му се заканува еколошка катастрофа, алармираат експертите.
Палење, сечење, тампонирање, целосен еколошки геноцид. Се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги разурнатите, спалени гнезда.
„Со палење на трската прво се прави штета генерално врз сиот живоински свет што е во тој предел затоа што тука се мрестат рибите птиците имаат свои гнезда. Има несогледливи штети врз животинскиот свет посебно“, вели Борис Џајкоски еколог .
Во Охридското езеро има стотина комплекси на трска, кои секојдневно се на атак на несовесните граѓани, кои во потрага по профит изградба на плажи и узурпација ги прошируваат приватните имоти. Сечењето и палењето на трската се повторува секоја година пред почетокот на вегетациониот период и пред градежната сезона. Инсепкторите и полицијата трагаат по сторителите.
„ОВР Струга има преземено повеќе оперативни мерки и контакти со надлежните инспекциски служби во локаната самоупправа. По заокруување на сите овие мерки ОВР Струга ќе поднесе соодветни пријави против можните сторители за узурпација на недвижнини и уништување на животната средина“ , вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Трската е природен био филтер на езерото таа го прочистува од загадување. За да се запре масовното уништување потребно е одбележување на трската со едукативни табли и формрање на надзорно тело за следење на состојбата . Последните мерења на трската се направени во 2011-та година, претходно истражување имало во 1985 година, но тие податоци денес не се веродостојни, бидејќи трската масовно се уништува.