Започнаа работите на терен за изградба на затворениот базен
Теренските работи околу изградбата на затворениот пливачки базен започнаа. На површина од 15 000 метри квадратни се копа за да се постават основите за базенот кој треба да биде завршен за три години. Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека Агенцијата за млади и спорт го информирала оти се оди по зацртаниот план.
Започнаа работите на терен за изградба на затворениот базен. На површина од 15 000 метри квадратни се копа за да се постават основите за затворениот пливачки базен со димензии од 33 на 22 метри. На тој простор предвидено е да се направат и трибини со над 500 седишта. Се чини дека се поизвесно е дека по долги години искчекување Охрид и охриѓани ќе добијат затворен базен во чии рамки ќе има и деловен простор.
Имам информација дека работите се интензивираат и дека се оди по зацртаниот план. Ако се работи со оваа динамика, за три години, како што ветија од Агенцијата за млади и спорт, базенот ќе биде направен, вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Изградбата на базенот ќе биде можност за сите млади спортисти кои сакаат да се занимаваат со пливање и сите водени спортови, но и граѓаните кои сакаат рекреативно да спортуваат во зимскиот период, да можат тоа да го прават во затворенот пливачки базен. Новиот пливачки базен треба да ги реинкарнира спортовите по кои овој крај, охридско – струшкиот, беше препознатлив, а тоа се ватерполото и пливањето.
Локалната навреме ги достави сите потребни документи за изградба на затворениот пливачки базен. Динамиката на работите ги диктира Агенцијата за млади и спорт , вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локалната самоуправа,
Вредноста на инвестицијата е околу 5 милиони евра, а како инвеститор се јавува Агенцијата за млади и спорт.