Започнаа теренските проверки и вакцинации во охридските училишта
Засега проверките на вакциналните служби покажуваат дека многу мал е бројот на невакцинирани основци до 14 години. Разговорите на стручните лица со родителите даваат резултати во зголемување на процентот на имунизација на децата во општина Охрид.
Вакциналните служби ја започнаа реализацијата на наредбата од Министерството за здравство за спречување на епидемијата од морбили која е прогласена во земјава. Се прават проверки во вакциналните картони во службата за вакцинации , но и теренски активности во охридските основни училишта за учениците до 14 години, информира д-р Соња Мариноска,раководител на службата за вакцинации. Денес, вакциналниот тим беше на терен во ОУ„ СВ Климент Охридски“ каде што проверките протекоа во најдобар ред, а за тоа приодонес имаа директорот на училиштето Наташа Танеска и родителите. Имунизацијата од морбили е единствениот најефикасен начин да се спречи ширењето на заразната болест, укажува д-р Мариноска. Таа додава дека во Охрид во првите три месеци од оваа година се зголемил бројот на вакцинирани предшколски и училишни деца од морбили за над 92 проценти.
„ Во нашиот град нема голем број случаи да одбиваат вакцинации. Тоа се неколку случаи. По разговорот со нас и со вакциналните тимови родителите доаѓаат до сознанија дека децата треба да примат вакцина. Благодарение на кампањата на Министерството за здравство е зголемен одѕивот за вакцинирање, “ напоменува д-р Мариноска.
Наша задача е да им ги објасниме на родителите ефектите од имунизацијата против мали сипаници, а за која се водеше подолго време силна антивакцинална кампања, како и календарот со вакцини кои се пропишани според Правилникот за вакцини од ресорното министерство, подвлекува д-р Мариноска. Додава дека имаат добра соработка со ЦЈЗ и со Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
„ Задолжени сме да даваме извештај за децата кои се уредно поканети, а не дошле на вакцина. Наредната недела ќе треба да доставиме список до Државниот здравствен и санитарен инспекторат за децата кои не дошле да примат вакцина“, напоменува д-р Мариноска.
Вакцините против морбили се бесплатни и ги има во доволни количини, напоменува д-р Мариноска. Во проверка на вакциналните картони се вклучени патронажните сестри и се организирани тимови кои работат и попладне во Вакциналната служба. Вакционалиот стутус се проверува на сите здравствени работници, студенти по медицина, фармација и стоматологија, како и на учениците во средните медицински училишта.