Започната законска процедура за избор на в.д Градоначалник на Охрид
За 15 дена треба да се пристапи кон избор на в.д Градоначалник кој ќе ја обавуваа функцијата на овластен потписник за периодот до изборот на нов градоначалник . Се очекува изборите да бидат распишани за напролет.
Поради ненадејната, прерана смрт на градоначалникот Јован Стојаноски и престанок на функцијата, започната е законска постапка за избор на в.д градоначалник. Општина Охрид испратила известување до Министерството за локална самоуправа кое пак ја известило Владата за престанок на функцијата Градоначалник на Охрид согласно член 54 од законот за локална самоуправа. Во моментов во општината нема овластен потписник и администрацијата не може да прими плата. За да може локалната да функционира ќе се избира в.д градоначалник. Од општината велат дека со скратени рокови тоа ќе се случи до крајот на годината или почетокот на новата година.
„Таа процедура која може максимално да трае до 60 дена се дава рок. Министерството за локална самоуправа ја известило Владата која треба за 15 дена да ја извести општината да пристапиме кон избор на в.д. Градоначалник“, информира општинскиот портпарол Томе Џамтоски.
Се очекува веќе на следната седница на Влада да се донесе одлука со која ќе се констатира престанокот на мандат и истовремено ќе се иницира постапката за распишување избори за Градоначалник. Од објавувањето на ваквата одлука во Службен весник во следните 30 дена градскиот совет треба да избере в.д Градоначалник од редовите на советниците на начин на кој се избира Претседател на Советот.
„ Имаше одредени шпекулации во јавноста кога би биле изборите.Но да го оставиме тоа на Собранието и поголемите политички партии. Тоа е политичка одлука, но верувам дека и тие рокови ќе бидат скратени и ќе се пристапи кон избор на градоначалник во тек на пролета“, кажува Џамтоски.
Избори за Градоначалник распишува Собранието на Република Македонија кое покрај за Охрид треба да распише избори и за општините Дебар и Ново Село.