Започнуваат уписите во летната сликарска школа во здружението Тактус
Годинава ќе бидат опфатени безплатно десетина деца од ранливо социјални семејства кои сакаат да научат сликање. Станува збор за здружение кое се грижи за развој на културни и уметнички вредности кај најмладите.
Здружението Тактус за развој на културните и уметничките вредности кај најмладите ги отпочна уписите за летната сликарска школа. Здружението постои 5 години со цел да го подигне интересот за уметноста и културата за деца на возраст од 7 до 15 години. Младите се интересираат за активностите кои ги организираат низ музика, театар, куклен театар, а од минатата година организираат и сликарска школа, инфомира Снежана Попов, претседател на здружението Тактус.
„Недостасуваат активности ние се трудиме уметноста со сите елементи да ја доближиме поблиску до децата. Организиравме концерти кои се безплатни. Сите знаеме во Охрид постои најголемата културна манифестација тоа е Охридско лето, но не може секој да си дозволи да присуствува. Нашата цел беше на сите да им овозможиме да се приклучат, но тоа да не ги чини ништо“.
Тони Попов, уметник и едукатор од здружението Тактус за летната сликарска школа напоменува дека минатата година низ школата поминале 30 деца од кои 8 постојано, а останатите повремено. Оваа година планираат да формираат 5 групи со по 5 деца во кои ќе бидат опфатени и деца од ранливата категорија граѓани.
„За разлика од лани со поддршка на општина Охрид и со донација од граѓани ќе им овозможиме на 10 деца безплатно да ја посетат школата. Ќе бидат покриени сликарските материјали и патните трошоци. Планираме изложба на крај, а средствата од продажбата на сликите ќе бидат наменети за децата.“
Летната сликарска школа ќе трае 8 недели. Стартува од 14 јуни и ќе трае се до 3 август. Ќе се одржува еднаш неделно во трање од час и половина.