Започна најголемиот детски музички спектакл „Распеано рибарче 2013“
Денес беше изведена првата претстава, а до крајот на овој популарен музички фестивал, ќе има уште три. Настапуваат дечињата од сите основни школи од Охрид, но забавата е загарантирана за сите.
Дојде и моментот кој малите охриѓанчиња со нетрпение го очекуваа. Денес започна нивниот омилен детски музички фестивал, „Распеано рибарче“. Многу играње, многу музика, песна и забава. Денес ја одржаа првата претстава наменета за дечињата од приградските населби. Уловивме две од дечињата кои се подготвуваа за настап. Андреј и Јана беа видно возбудени, но сепак не можеа да дочекаат да излезат на сцена и да покажат што знаат.
„Немам трема, а песната е убава. Се вика „Јас сум Андреј.“
„Мојата песна ја напиша Драган Мијалкоски, а аранжманот го направи Даниел Јованоски и ја снимивме во студио.“-рекоа тие.
А еве што денес понуди програмата на „Распеано рибарче 2013“.
„Во публиката моментално се наоѓаат децата од Лакочереј, Лескоец и еден дел од учениците од ОУ „Свети Климент Охридски“, а утре имаме две претстави со децата од основните училишта „Христо Узунов“, „Григор Прличев“ и „Братство Единство“. Во сабота имаме претстава за повозрасните, покровителите, спонзорите, помагателите и родителите во 19 часот, која претстава ќе биде овековечена и на ДВД издание во продукција на ТВМ.“-рече директорот на фестивалот, Коле Петкуќески.
За дечињата кои ќе ги пропуштат овие претстави, „Распеано рибарче“ ќе има уште една претстава во Недела на пладне, а веднаш по претставата ќе има и забава за дечињата.
{loadposition content9}