Skip to main content

По пауза од шест години денеска започна порибување на Охридското Езеро со подмладок на охридска пастрмка

620 000 единки пастрмка одгледани во Хидробиолошкиот завод и уште 200 000 единки од Институтот за сточарство од Скопје ќе бидат пуштени во езерото според договорот на Министерството земјоделство, шумарство и водостопанство со овие институции.
 |  инфодеск  | 


По пауза од шест години денеска започна порибување на Охридското Езеро со подмладок на охридска пастрмка. 620 000 единки пастрмка одгледани во Хидробиолошкиот завод и уште 200 000 единки од Институтот за сточарство од Скопје ќе бидат пуштени во езерото според договорот на Министерството земјоделство, шумарство и водостопанство со овие институции. Денеска во посета на Хидробиолошкиот завод беше ресорниот министер Цветан Трипуновски кој учествуваше во прибувањето.

„Согласно Програмата од 2024 година обврската е да се пориби Охридското езеро со минимум 400.000 единки охридска пастрмка кои се одгледани во Хидробиолошкиот завод – Охрид, и 200.000 единки од Институтот за сточарство и рибарство. Информиран сум од Хидробиолошкиот завод- Охрид дека иако минимумот беше 400.000 единки, сепак се одгледани 620.000 единки со кои ќе биде порибено Охридското езеро во наредниот период. Од Институтот за сточарство и рибарство информираа од минимум 200.000 единки одгледани се околу 350.000 единки на охридска пастрмка.“- истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Ова е показател дека по шест години застој продолжуваме со порибување на она што претставува наше најголемо богатство, а тоа е охридската пастрмка, рече министерот Трипуновски.

„Имаме зголемување на средствата во однос на Програмата за рибарство и аквакултура. Договорите за идната година склучени со Хидробиолошкиот завод – Охрид се од 3,3 милиони денари, додека со Институтот за сточарство и рибарство изнесуваат 1,7 милиони денари. Вкупниот број на риби кои што треба да бидат одгледани од страна на Хидробиолошкиот завод – Охрид се околу 1,1 милион единки со просечна тежина од 3 грама. Додека Институтот за сточарство и рибарство има обврска да одгледа околу 570.000 единки”, додаде министерот Трипуновски.

Тој посочи дека идната година Охридското езеро ќе се пориби со над 1,6 милиони единки. – „Како Министерство работиме да го одржуваме рибниот фонд“, заклучи министерот.