Skip to main content

Започна постапка за донесување на Закон за прогласување на Белчишко Блато за Парк на природата

Министерството ги охрабрува сите засегнати страни да се вклучат со забелешки, мислења и предлози за предлог текстот на Законот и да придонесат кон заедничка цел – зачувување на природното наследство за сегашните и идните генерации.
 |  инфодеск  | 
Белчишко блато

Министерството за животна средина и просторно планирање започна постапка за донесување на Закон за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата.

Во постапката поврзани со изработка на предлог Законот, велат, се предвидени следните активности:

  • Јавно известување кое се објавува на интернет страната на Министерството за животна средина и просторно планирање (www.moepp.gov.mk) и на ЕНЕР – Единствен национален електронски регистар на прописи на РСМ Македонија (http: //www.ener.gov.mk/).
  • Рокот за јавни консултации со засегнатите страни и граѓаните на Република Северна Македонија за доставување на коментари, мислења и предлози трае 20 дена од денот на објавувањето на содржината на предлог на законот на веб страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи.
  • Во текот на постапката може да бидат организирани директни консултации и состаноци со засегнатите страни како и јавна расправа доколку е потребно.
  • Забелешките, мислења и предлози за предлог текстот на Законот може да се достават електронски на меил адресите: Билјана Тешева Ѓорѓиевска: b.tesheva@moepp.gov.mk, Влатко Трпески: v.trpeski@moepp.gov.mk и Кузман Куновски: k.kunovski@moepp.gov.mk .
  • Воедно, забелешките, мислењата и предлозите по предлог текстот на Законот може да се дадат и на веб порталот ЕНЕР (http: //www.ener.gov.mk/).

Министерството ги охрабрува сите засегнати страни да се вклучат и да придонесат кон заедничка цел – зачувување на природното наследство за сегашните и идните генерации.

Белчишко Блато претставува значајно влажно живеалиште со висока биолошка разновидност лоцирано во општина Дебрца, и е важно за зачувување на ретки и загрозени растителни и животински видови од национално и ЕУ значење, како и за одржување на природната рамнотежа и екосистемските услуги на регионот. Водено подрачјето е веќе идентификувано како идно Натура 2000 подрачје, потенцираат од Министерството.