Почна реконструкцијата и проширувањето на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а предвидено е градежните работи да завршат до крајот на мај.

„Проектот треба да донесе 4.500 квадратни метри функционален простор, што е околу 2. 500 повеќе од постојниот. Инвестицијата е во повеќе фази, едната е оваа што се гледа, но има и други, споредни. Се надевам дека во јули ќе можеме да ве поканиме тука, на свечено отворање и да имаме комплетно нова приказна со која заеднички ќе бидеме горди“, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
ТАВ Македонија инвестира 2,7 милиони евра во Аеродром „Св. Апостол Павле“ Охрид, со цел зголемување на капацитетите и подобрување на условите за патниците и вработените.

Проектот предвидува проширување на оперативниот капацитет на патничкиот терминал и на капацитетот на шалтерите за регистрација на багаж и патници, проширување на зоната за безбедносна контрола, ќе се прошири административната зграда, нов ресторан, нови канцеларии за Граничната полиција и Царинската управа и паркинг за вработените.
„Оперативноста на аеродромот ќе продолжи додека се изведуваат градежните работи, а се очекува тие да завршат кон крајот на мај. Овој проект ќе му даде сосема нов лик на охридскиот аеродром и ќе овозможи подобро секојдневие за сите што се дел од воздушниот сообраќај“, изјави Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија

Во однос на двата аеродрома, интенцијата на Владата, со сите проекти што ги реализира, е Македонија да ја достигне бројката од четири милиони патници, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој денеска информира дека се во тек разговори со голем број тур-оператори кои организирано треба да носат туристи на охридското крајбрежје, а со еден од нив разговорите финализираат и се пред склучување договор.
–Ваквите проекти, како реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле” и се она што го правиме како иницијатива, само додаваат вредност. Да имате на скопскиот аеродром 30 отсто зголемен број патници или околу 275.000 во првите два месеца и 20 проценти повеќе на охридскиот аеродром, а минатата година да натфрлите 3,5 милиони патници, можам да кажам дека се историски постигнувања. Зошто да не дојдеме и до четири милиони патници, сето тоа е додадена вредност за македонската економија, посебно во туризмот и угостителството, рече премиерот.
Тој оцени дека надвор од сезната на охридското крајбрежје, само во угостителството и туризмот, ќе има околу 85 милиони евра.
Ова е прва реконструкција откако охридскиот аеродром е изграден во 1952.
