Започна реконструкцијата на патот Елшани-Елешец вредна 7.610.000 денари
Овој локален пат последно бил реконструиран во седумдесетите години од минатиот век, а вкупната должина на делницата изнесува околу 2 и пол километри.
Тешката машинерија на градежната компанија АД Илинден од Струга, денес ја започна реконструкцијата на локалниот пат кој води од селото Елшани до автокампот Елешец. Оваа делница е со должина од 2258 метри, а во просек ќе биде широка четири метри.
Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека овој пат ќе биде асфалтиран со висококвалитетен асфалт со дебелина од 7 сантиметри, а во рамките на овој зафат, ќе бидат реконструирани и банкините. Бакрачески потсети дека овој локален пат не бил реконструиран четириесетина години.
„Последна реконструкција на овој пат е некаде во седумдесетите години од минатиот век, така да сметам дека со овој проект и тоа како ќе се подобрат условите за живеење и на мештаните, меѓутоа и на оние гости и туристи кои ги посетуваат овие туристички места. Реков дека е еден дел од групата на проекти кои што се финансирани со средства од кредит добиен од Светска банка, и во наредниот период од 2 до 3 месеци, претпоставувам дека сите тие ќе бидат завршени и Охрид подготвен ќе ја дочека летната сезона.“-вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Според претседателот на месната заедница Елшани, Игор Шопоски, овој пат кој бил во лоша состојба пред реконструкцијата ќе биде од големо значење не само за 700тините локални жители, туку и за бројните туристи кои не само што престојуваат, туку се почесто Елшани го бираат и како место каде си градат сопствени куќи.
„Со асфалтирањето и проширувањето на патот, се надеваме на подобар опстанок на селото и привлекување на повеќе туристи. Во Елшани живеат околу 700 жители постојани, има и такви што живеат од туризам, ама годиниве како што идат се позастапени се странските туристи.“-рече Шопоски.
Градоначалникот Бакрачески смета дека реконструкцијата на патот најверојатно ќе биде завршена за 30 дена. Истата се прави со средства добиени преку кредитот од Светска банка, а во износ од 7.610.000 денари.
{loadposition content9}