Започнува летната пливачка школа на пливачкиот клуб „Акваспирит“
Од наредната недела, започнува пливачката сезона на градскиот базен „Атина Бојаџи“, со Летната пливачка школа на пливачкиот клуб „Акваспирит“ од Охрид. Досега се пристигнати повеќе од стотина пријави, не само на охриѓанчиња, туку и деца од други градови. Најмладите, покрај тоа што ќе ги совладаат тајните на пливањето и ќе го подобрат писхофизичкото здравје, а загарантирана е и забавата.
„Денес знаеме дека со новиот стил на живот децата поголем дел од времето го минуваат во неприродна седечка, позиција, со тие нови средства што ги користиме, телефони и патни уреди. Години наназад искуствтото ни покажува дека како што доаѓаат тука дечињата, стануваат дел од еден систем, една заедница каде се дружат, разменуваат искуства и другаруваат. Голем дел од нашата школа , повеќе од 20% од дечињата се од надвор од нашата општина, најмногу се од Скопје, но доаѓаат и од надвор. Искуство кое значи нешто надвор од секојдневието на едно дете, училишна клупа и дома.“ – за ТВМ вели Миле Јованоски од пливачки клуб „Акваспирит“.
Пливачкиот клуб „Акваспирит“ функционира од 2019 година и веќе за оваа сезона пријавени се околу стотина дечиња. Ќе се работи со деца од 5 години па нагоре, но можност ќе имаат и возрасните лица кои сакаат да научат да пливаат и рекреативно да се занимаваат со овој спорт.
Во малиот базен ќе се работи со најмладата старосна група, почетниците од 5-9 година, додека во големиот базен ќе тренираат полупливачите и пливачите. Тројца тренери ќе се грижат за одржување на часовите, вели Славчо Цветкоски, еден од тренерите. Голем број пливачки таленти во овие четири години сретнале тренерите на „Акваспирит“, велат, огромна е потребата од затворен базен, бидејќи за сериозно занимавање со пливањето, потребен е континуитет во тренажниот процес.
„Базенот тука работи само два месеци, а после тоа нема каде да продолжиме, бидејќи базенот ни е сеуште во изградба, импровизираме по хотели, по хотелски базени. Мислам дека голем бенефит би имал градот Охрид од затворениот пливачки базен, бидејќи има голем број надежни дечиња, Охрид би се вратил во врвот на пливањето во Македонија.“ – вели тренерот Славчо Цветкоски.
Термините за часовите по пливање ќе бидат дополнително дефинирани во зависност од бројот на пријавени деца. Часови ќе има и предпладне и попладне. Цената за цело лето, до крај на август изнесува 3.000 денари. Доколку во школата членуваат две или повеќе деца од исто семејство следува попуст. Следуваат многу натпревари и изненадувања, потенцираат од „Акваспирит“.