Засега ништо од ветувањата за конечно разрешување на ситуацијата со вработените во ЕМО
Тие денес со мирен протест низ неколку охридски улици, уште еднаш ги побараа своите плати и придонеси, но и ветената помош за олеснување во плаќањата кон охридските јавни претпријатија. Велат дека од она што досега им било ветено, ништо не е остварено.
Засега ништо од ветувањата за конечно разрешување на ситуацијата со вработените во некогашниот охридски гигант ЕМО. Денес тие по четврти пат, со транспаренти во рацете одржаа мирен протест низ неколку охридски улици во обид уште еднаш да го свртат вниманието кон проблемот со 40 неисплатени плати и придонеси. Тие велат дека информациите дека 80 проценти од фабриката работи, се неточни, а наместо тоа, во АД ЕМО 6 месеци нема струја, греење, ниту пак обезбедена работа.
„На 5ти март бевме повикани во Владата на Република Македонија. Не прими премиерот Никола Груевски. Најверојатно сакаше од прва рака да ги слушне информациите конкретно за ЕМО, така да ние го кажавме она што досега го кажувавме, дека во ЕМО владее тотален хаос, дека нема работа, дека нема струја, греење, нема ни превоз. Меѓутоа како што гледате на паролите, овде стојат 40 маченички плати и придонеси кои не се исплатени на вработените, немаме обезбедено здравствено осигурување, а знаете зимава како ја поминавме со студовите.“-вели претседателот на синдикатот на АД ЕМО, Миле Крстаноски.
Крстаноски вели дека не добиле никаква конкретна информација од премиерот како ќе им се помогне во решавањето на проблемите.
Не веруваат ниту во најавите дека во ЕМО со удел ќе влезе државната компанија МЕПСО како и германската КОСТЕЛ. Крстаноски не верува ниту во најавите дека 50 души ќе бидат префрлени во МЕПСО.
„Се прашувам дали некој ќе вработи работник кој има над 40, 45, 50 години старост? Сите како што гледате одат на вработување до 30 години старосна граница. Така да таа шема јас не верувам дека некогаш ќе се оствари. Дај боже сега има некои други најави од Владата, олеснување во поглед на плаќање придонеси, персонален данок, оние што ќе вработат од некоја старосна граница и тука јас не можам да верувам во тоа дека некој ќе го реализира.“-рече Крстаноски.
Тој додава дека ниту остварените средби со градоначалникот Бакрачески не вродиле со плод иако во декември минатата година било разговарано да им се излезе во пресрет со подмирувањето на обврските кон охридските јавни претпријатија. Крстаноски вели дека до овој момент, иако ги поднеле и списоците со работници на кои приоритетно треба да им се помогне, досега нема ништо од ветувањето, ниту пак се остварила средба со директорите на јавните претпријатија. Од синдикатот на АД ЕМО велат дека во наредниот период ќе зачестат со нивните протести и ќе излегуваат секој нареден понеделник, дури ако е потребно и заедно со нивните семејства. Протести најавија и за во Скопје пред Владата и Собранието на Република Македонија. Инаку, околу 180 вработени од ЕМО побаруваат од државата околу 40 заостанати плати, но и неисплатени придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување за што досега, во три наврати, одржаа мирни протести.
{loadposition content9}