Контрола на продажбата на месо и јајца
Во пресрет на Велигденските празници Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) врши засилен надзор на продажните места за месо и јајца, изјави директорот Николче Бабовски. Од досегашните контроли на инспекторите немало отстапување од правилникот за храна, напомена Бабовски.
„Увозот на храна во државава е контролиран од страна на нашите инспекциски служби и економските оператори, кои се занимаваат со трговија со прехранбени производи. На пазарот не можат да постават небезбеден производ. Целосно се контролира увозот на храна преку мониторинг-програма за секојдневна контрола“- изјави Бабовски.
Растот на цените на прехранбените производи од животинско потекло, пак, како што посочи директорот Бабовски, е поради тројно повисоките цени за храната за животни на светските берзи.Во однос на влијанието на руско-украинската криза врз квалитетот и количините на храна, посочи дека увозот е под контрола.
„Храната ќе ја имаме, но може да се случи народот да биде гладен поради високите цени“- рече Бабовски.
Министерството за земјоделство има повик за нови концесии, за да не остане необработено земјоделското земјиште, а и храната да биде безбедна, рече Бабовски.