Засилени контроли врз безбедноста на храната
Агенциите за храна и ветеринарство од Западен Балкан ќе ја засилат соработката во искоренување на заразните болести кај домашните животни. Агенцијата за храна и ветерина на Македонија е домаќин на меѓународен Форум каде што ветеринарните служби од Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово ја усогласуваат законската легислатива со земјите од ЕУ. Форумот е под покровителство на регионалниот проект „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан”, финансиран од Европската унија. Во работата учествуваа претставници од Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната при Европската комисија, Светската организација за здравствена заштита на животните и Европската агенција за безбедност на храна. На средбата се разменуваа информации, а се изготвува и меморандум за соработка меѓу институциите од регионот, информира Николче Бабовски, директор на АХВ на Македонија.
„Болестите ниту причините за болести не поседуваат пасош нити сертификат брзо се шират. Заради тоа ваквите форуми и билатерални меморандуми за соработка меѓу институциите во регионот ќе послужат за подобра заштита на животните, а со тоа и заштита на јавното здравје“ – посочува Николче Бабовски директор на АХВ.
Владимир Ѓаковиќ, директор на Црногорската Управа за безбедност на храна, вели дека овој форум е потребен за да се добијат насоки како работите функционираат во земјите од ЕУ ,а кон која се стремат сите земји од Западен Балкан.
„Ваквиот собир е важен за борбата против болестите кај животните и зоонозите кои се присутни во регионот, како што се африканската чума и птичјиот грип. Со оваа размена на информации и вмрежување може многу да ни помогнат да се избориме со тие болести“-напоменува Владимир Ѓаковиќ.
Сузан Дитиер Ваисермерсон, претставник од Директоратот за здравје и безбедност на храна при Европската комисија, истакна дека ЕУ ги поддржува земјите од Западен Балкан. Им нудиме техничка помош во справување со предизвиците поврзани со здравјето на домашните животни.
„Со тоа земјите од овој регион ќе бидат во можност да ја применат и усогласат законската легислатива со земјите од Европската унија за да бидеме сигурни дека Западен Балкан ги постигнува истите прописи за здравствена заштита на животните како во ЕУ за безбедно тргување со храна“– кажа претставникот од Директоратот за здравје и безбедност на храна при Европската комисија.
Ветеринарните служби од земјава и регионов информираат дека секојдневно прават контроли врз храната која се увезува и продава на домашните пазари. Досега, не се откриени прехранбени производи кои го загрозуваат здравјето на луѓето.