Skip to main content

Илинденски празници

Засилени полициски контроли

Полицијата со засилени безбедносни мерки ќе се грижи за јавниот ред и мир во двата туристички центри на брегот на Охридското езеро. За време на Илинденските празници охридско-струшкиот регион по традиција бележи рекордна посетеност, а токму тогаш се случуваат и најголемиот број нарушувања.
 |  инфодеск  | 
Полициски службеници

Во пресрет на Илинденските празници засилени полициски контроли во охридско-струшкиот регион. Во шпицот на сезона голем број полициски службеници, од овој регион, но и од други градови, ќе се грижат за безбедноста на брегот на Охридското езеро.

Огромен број туристи деновиве престојуваат во туристичките центри, токму затоа акцентот ќе биде ставен на одржувањето на јавниот ред и мир и спречување на нарушувања. Полициските службеници ќе бидат фокусирани на неколку сегменти од полициското работење со цел безбедносната состојба и понатаму да биде стабилна и поволна. Имeно фокусот ќе биде ставен на одржување на јавниот ред и мир, елиминирање на сите можности за нарушување – вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Кружен тек Охрид

Во услови на значителен пораст на бројот на возила и метеж во сообраќајот, ќе има и повеќе контролни пунктови. Од полицијата апелираат возачите да бидат внимателни особено при доаѓањето кон Охрид и Струга, на патниот правец од Кичево кој сеуште е во изградба.

Во таа насока напоменувам дека не само кон туристичките локалитети, туку и во централното градско подрачје и на периферијата ќе бидат поставени засилени сообраќајни безбедносни пунктови со цел сообраќајна стабилност и редот во сообраќајот да биде на едно исклучително ниво – додава Димоски.

Илинденските празници по традиција го одбележуваат шпицот на летната сезона, кога двата туристички центри на брегот на Охридското езеро имаат рекордна посетенст. Токму во овие денови се случуваат најголемиот број нарушувања.

Новинар : Соња Рилковска