Skip to main content

Засилување на полициските контроли во охридско струшкиот регион за спречување рибокрадство

Во периодот додека Охридското езеро е без концесионер потребни се засилени полициски контроли. Ова го истакна дополнителниот заменик министер во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски по средбата со началникот на СВР Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

Две лица во Пештани се дале во бегство кога полиција го запрела нивното возило. Зад себе исфрлиле вреќа со 2 риболовни мрежи и 20 парчина риба Охридска пастрмка. Полицијата мрежите и уловената пастрмка ги предала во Хидробиолошкиот завод и работи на целосно расветлување на настанот по што ќе следи соодветна пријава. Оваа заплена се случила вчера, а денеска дополнителниот заменик министер во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски имаше средба со началникот на СВР Охрид.

„Треба да апелираме во моментов кога Охридско Езеро нема концесионер односно е без заштита , МЗШВ преку Државниот земјоделски инспекторат преку надлежните инспектори и МВР во делот на езерската полиција, граничната и копнената полиција да ги засилат своите контроли на терен со цел да го заштитиме ова природно богатство и рибниот фонд.

Трипуновски потенцира дека ресорното министерство во изминатиот период има успешна соработка со полицијата. Додаде дека во периодот до изборот на нов концесионер на Охридското езеро е неопходно да се засилат контролите не само во охридскиот туку и во струшкиот регион со цел да се заштити рибниот фонд.

„Од она што ме запознаа претставниците од МВР е дека во изминатите неколку дена веќе се веќе фатени сторители на бесправно ловење риба и се поведени соодветни законски процедури односно казни.

Трипуновски напомена дека покрај штетата од рибокрадство рибниот фонд е дополнително загрозен ако се земе предвид дека минатата година на езерото не се изврши мрест, а прашање е дали и оваа година ќе има порибување.