Skip to main content
Литература

Заследи ме

Викендов промоција на романот „Заследи ме“ на охридскиот писател Јордан Коцевски во кое се третираат стапиците на социјалните мрежи.
 |  Голабовски Крсте  | 
Јордан Коцевски

Викендов промоција на романот „Заследи ме“ на охридскиот писател Јордан Коцевски.

Во неговото најново дело Коцевски зборува за не толку пријатните стапици кои ги крие денешната популарна култура и ужасот за кој знаеме или не знаеме. Ужасот кој сигурно не демне на социјалните мрежи. Идејата за овој роман дошла сосема природно вели Коцевски.

„Мојата сопруга е инфлуенсерка, која има повеќе од 20.000 следбеници и често сум со неа кога ги прави содржините и ги знам како функционираат работите. Ја знам нашата хемија која постои и трудот кој се вложува во една фотографија или сега еден популарно наречен „reel“. И се водев од она правило, „Пишувај за она што знаеш“ – вели Коцевски.

Зафаќајќи се со современа тема, Коцевски си игра со логиката на денешната поп култура, која и тоа како е моделирана од социјалните мрежи. Во романот се допираат теми „сајбер булинг“, семејно насилство, па и на лицемерие. Настани и рекации кои една ваква активност ги поттикнува. Со тоа, Коцевски суптилно зборува за одговорноста на инфлуенсерот. За тоа колку за инфлуенсерството може да се зборува како за вистинска професија. Без истовремено да се наруши неговиот творечки печат на поетика на трилерот. Коцевски ќе рече дека и оние кои се од забава на социјалните мрежи и оние кои се тука за да заработат не доволно ја познаваат моќта на овој медиум.

„Мислам дека кај нас не сме запознаени ни со негативните ни со позитивните страни и често се настапува со предрасуди. Гледав во романот да ги претставам сите гледни точки по различни проблематики поварзани со тоа, така да самиот роман започнува со самоубиство на инфлуенсерка и тргнува од моралната дилема на главниот лик дали е во ред да ги преземе спонзорите“ – кажува Коцевски.

На површина излегуваат многу прашања врзани со интригата, со лицемерието, и со сите лажни облици на денешното живеење. Коцевски успева вешто да ги разобличи, за на читателот да му понуди четиво што и покрај својот обем е лесно читливо и заводливо. Тој вели дека романот ќе ги заинтригира и повозрасните читатели кои со резерва гледаат на виртуелниот свет.

„Сметам дека на некој начин, создадов роман во кој ако го смениме името „Инстаграм“ со било која социјална мрежа во иднина пак ќе функционира“ – објаснува Коцевски.

Се надева дека сите оние кои ќе го прочитаат романот, во иднина ќе се подзамислат дали да заследат некој на социјалните мрежи и дали ќе им биде сеедно да бидат заследени.

„Се надевам да. Зошто токму тоа е целта и се надевам дека во иднина добро, добро ќе размислат кого заследуваат и кој ќе ги залседи“ – вели Коцевски.

Јордан Коцевски Првата книга, збирката раскази „Време за живеење“, ја има објавено во 2001 г. Неговата стрип антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ излезе од печат во 2014 г.Со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ во 2016 г. Добитник е на две награди за стрипот Our Eden, додека неговата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електронска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2016 г.Во 2021 г. го објави и својот прв роман „Тегли“ во издание на „ПНВ Публикации“.Неговите кратки стрипови, како сценарист, се објавени во повеќе списанија за стрип во земјата и во странство. Промоција на романот е во сабота во кафе барот „Шила“ во 18 часот.