Заштитена од пропаѓање музејска збирка птици
Реставрирана и преуредена оштетена диорама со препарирани езерски птици. Барските птици се дел од природонаучната збирка во струшкиот музеј „Доктор Никола Незлобински“. Станува збор за превезан, познат вид барска птица од Охридското езеро. Васко Јолески, самостоен препаратор на животни од музејот споделува како се одвивала постапката за заштита на птиците кои се наоѓаат во изложбената витрина.
„ Се отвори диорамата и се спречи пропаѓањето на експонатите. Целосно се реоформи и се направи нова. Во внатрешнит дел имаше мов, ставен од порано, несоодветен за тој вид птици. Заменет е со песок, трски, природен материјал којшто соодејствува со изгледот на природното живеалиште на овој вид птици“, наведува Јолески.
Самостојниот препаратор раскажува дека вредните музејски експонати може да пропаднат доколку не се чуваат и соодветно третираат. Прават напори повеќе пати во текот на годината да ги заштитат со хемиски препарати дозволени според ЕУ-стандарди. Влагата им е непријател број еден на експонатите, а штетниците кои стануваат поотпорни на препаратите се уште поголем проблем.
„Со оглед што објектот е премногу стар таа опасност е неколку кратно зголемена. Правиме надчовечки напори да го одржиме музејот да не пропадне. Моментално условите се тие. Треба целосно реновирање или дислокација на музејот на подобра локација“, вели Јолески.
Музејскиот објект е реновиран со околу 3,5 милиони денари минатата година. Спречено е протекување на кровот, изработена е фасада , поставени се внатрешни подни плочки, но пробемот не е решен, вели Јолески. Експонатите не се заштитени бидејќи е потребна набавка на нови диорами којшто ќе спречуваат продирање на влага и штетници. Старите диорами во кои се експонатите датираат од самото формирање на природнонаучниот музеј.