Затворањето на депонијата Буково ќе ја чини општината околу 3 милиони евра
Негативното влијание на дивите депонии врз животната средина беше тема на денешниот настан во општина Охрид во организација на Здружение на даватели на комунални услуги АДКОМ во соработка со Министерството за животна средина, во рамки на проектот „Со подигање на јавната свест до одржливи комунални услуги“. Целта е да се обединат централната и локалните власти како и јавните комунални претпријатија од Југозападен плански регион во напорот за подигнување на јавната свест за значењето на комуналните услуги.
Пред присутните свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кој истакна дека дивите депонии и справувањето со нив е вистински предизвик за секоја Локална самоуправа. Тој кажа дека токму јавната свест и едукацијата се најважни за спрaвување со дивите депонии, посочувајќи дека само за една година од мандатот биле исчистени над 120 диви депонии на територија на Општина Охрид кои повторно се формираат.
„Позитивно е одржувањето на настани од овој тип кои имаат за цел подигнување на јавната свест бидејќи без самосвесни граѓани залуден е секој труд на јавните комунални претпријатија. Ние како локална самоуправа заедно со јавното комунално претпријатие спроведуваме низа активности кои имаат за цел превенирање од создавањето на диви депонии. Во таа насока е зголемувањето на бројот на спроведени акции за подигање на кабаст отпад, отворањето на линија каде граѓаните може да најават одлагање на кабаст отпад, зголемувањето на локации за поставување на котејнери. Тука би спомнал дека од неодамна поставивме и контејнери за електричен и електронски отпад, а од претходно имаме поставено и контејнери за стакло, пластика и хартија, покрај стандардните. Меѓутоа, како што кажав и сето ова е недоволно доколку граѓаните не станат свесни за штетноста од создавањето на диви депонии.“ – рече Пецаков.
Но несоодветното одлагање на отпад од несовесни граѓани е само дел од проблемот со оглед на тоа дека градскиот комунален отпад се депонира на нестандардни депонии. За да се спречи труењето на населението и уништувањето на природата воспоставување на систем за управување со отпад, час поскоро, е важно за секоја локална самоуправа и посебно за Општина Охрид.
„ За нас посебно е важно, и како општина и како регион, од неколку причини. Првата секако е регулирање на долгогодишниот проблем со депонијата Буково, нејзиното намерно палење, непријатната миризба која се жири во околината и во градот. Втората причина е што оваа депонија е една од препораките од УНЕСКО за дислоцирање на оваа депонија. Секако дека решението е формирање на регионалната депонија во Општина Новаци вклучително со седум претоварни станици. Би имале една современа депонија која би била во прв момент регулирана со регионално јавно претпријатие со изгласана одлука на совет на сите општини во Југозападниот регион. И понатаму тоа ЈП треба да пронајде начин да ја менаџира и да ја одржува функционалноста на регионалната депонија. Битно оваа регионална депонија во Новаци да ја добиеме час поскоро .“ – рече Пецаков.
Средствата за регионална санитарна депонија ги обезбеди државата преку заеми, но кредитот сам по себе не е доволен за да се подобрат работите. Она што претстои сега е граѓаните и одговорните чинители, општините и јавните комунални претпријатија да ги прифатат предизвиците кои претстојат, рече Ана Петровска од Министерството за животна средина. Посочи дека реализацијата на овие проекти и идното управување со изградените системи ќе зависи од јавните комунални претпријатија и општините.
Тендерот за изградба на регионалната депонија за Југозападен и Пелагониски регион лоцирана во Новаци ќе биде објавен наредната година Според планот до крајот на 2026 и почетокот на 2027 година се очекува да биде завршена. Паралелно со отворање на регионалната депонија ќе треба да се затвораат нестандарните депонии. Тоа ќе биде скап процес главно на товар на општините со евентуална помош од Министерството за финансии. Затворањето на депонијата Буково, според проценките ќе чини околу 3 милиони евра.