Skip to main content

НУ Завод и Музеј Охрид одбележува 75 години од основањето со низа значајни проекти и богата програма со настани

Заводот за заштита на спомениците и Музеј Охрид годинава планира реализација на повеќе значајни проекти меѓу кои археолошкиот комплекс Манчевци и уредување на внатрешноста на Самоиловата тврдина за подобра презентација на богатото културно наследство. Оваа година охридскиот Завод и Музеј го одбележува јубилејот 75 години од основањето и од таму најавуваат богата програма и повторно отворање на Златната соба.
 |  Маја Савиќ  | 

Националната установа Завод за заштита на спомениците и Музеј Охрид со сериозна програма влегува во 2026та година. Фокусот е врз неколку проекти од национален интерес покрај редовни и тековни одржувања и конзервација на етнолошката, историската и археолошката збирка.

Планот на установата е годинава да биде довршен археолошкиот локалитет „Манчевци“ во старото градско јадро кој е од непроценлива вредност за градот и државата.

-Како што знае јавноста таму се откриени многу значаен ранохристијански комплекс кој содржи и базилика и крстилница и придружни објекти со многу богати и добро зачувани мозаици. Наша намера е да се доистражи и да се ревитализира просторот, да се поврзи како еден комплекс. Таму имаме проблем со приватниот имот, во процес сме на експропријација и наоѓање на најсоодветно решение за негова презентација пред јавноста, вели Горан Патчев-директор на НУ Завод и Музеј Охрид.

Самоиловите тврдини се високо на агендата на охридскиот Завод и Музеј со цел внатрешноста да добие уреден лик за подобра презентација на културно историското наследство и привлекување на туристите.

-Таму покрај доистражувањето археолошко кое веќе треба да го завршиме, ќе направиме едно пратерно уредување, возобновување на летната сцена, формирање на сувенирница, патеки, осветлување, обележување соодветно на просторот како би бил тој простор привлечен за туристите, најавува Патчев.

Ќе се инвестира и во објекти од национален интерес во Струга, во соработка со министерствата за одбрана и образование.

-Тоа е проектот од Министерството за одбрана на ул Партизанска покрај кејот на Црн Дрим и на Охридското езеро, имаме исто така и објектот од Министерството за образование, популарно наречен Драга Јефтиќ и секако и објектот Куќата на Владо Малески кој очекуваме да биде реконструиран годинава, вели Патчев.

Минатата година Завод и Музеј ја заврши успешно со целосна реализација на програмата, беа добитници на престижната награда Жива за Најдобар словенски локалитет и високото општинско признание Светиклиментовата повелба.

Оваа година е јубилејна. Музејот одбележува 75 години од основањето што ќе биде одбележано со богата програма и содржини во текот на целата година меѓу кои и повторно отворање на Златната соба.