Skip to main content

Завршените деветоодделенци со попреченост за прв пат преку инклузија ќе може да продолжат во средно образование

 
Родителите на децтаа со попреченост ја поздравуваат оваа новина, но имаат и резерви како инклузијата ќе се одвива во пракса. Апелираат до останатите ученици и нивните родители, како и до наставниот кадар да им дадат поддршка на овие ученици  за во иднина да бидат посамостојни во животот.

 |  Валентина Неловска  | 

Средните училишта со инклузија ќе запишуваат ученици со попреченост од оваа учебна година. За прв пат ова е овозможено со новите законски измени за средно образование. Зa овие ученици ќе се обезбеди образовен асистент. Валентина Златаноска од Здружението на родители на деца со попреченост „Тајните на моето срце“ ја поздравува оваа новина, но споделува дека имаат и резерви како инклузијата ќе се одвива во пракса. Во моментов завршените деветоодделенци од нивното здружение покажале интерес за да го продолжат своето образование во регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“.

Оваа година има само три ученици од ОУ Св.Климент Охридски. Според одлуката на децата и родителите одлучивме да се запишат во средното угостителско училиште Ванчо Питошески. Таму има повеќе насоки и смерови каде може да се усовршуваат и се одлучивме за тригодишно школување“.

Златаноска напоменува дека како родители на деца со попреченост се надеваат дека ќе е се во најдобар ред. Ние сите треба да работиме за најдоброто на децата и да се вклопат во самата средина. Апелира на соработка со родителите на останатите ученици да ги прифатат учениците со попреченост и да има дадат поддршка за во иднина тие да бидат посамостојни во животот.

„Разговаравме со директорот на Регионалниот центар за стручно образование и обука Ванчо Питошески, дека во септември, на почетокот од школската година ќе треба да се свика состанок меѓу родителите, децата и професорите и да им се објасни новата најава во средните училишта, дека ќе има деца со попреченост и да ги прифатат, да имаат поддршка од децата, учениците, професорите, од стручните лица и асистентите, да се направи убава атмсосфера, за децата во школувањето да немаат пречки и да бидат прифатени од самата средина“.

Во Здружението на родители  на деца со попреченост „Тајните на моето срце“ членуваат деца од повеќе категории попреченост како што се Даунов синдром, Аспергов синдром, аутизам, церебрална парализа и други попречености.