Заврши реконструкцијата на локалниот пат до Велестово
Денес истиот беше свечено пуштен во употреба од градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Од месната заедница велат дека оваа реконструкција била ветувана години наназад, но досега не била остварена.
Заврши реконструкцијата на локалниот пат кој од Охрид води до Велестово. Истиот, денес беше свечено пуштен во употреба, откако беше завршена и втората фаза од неговата целосна реконструкција, која започна уште минатата година. Тогаш, во првата фаза се асфалтираше дел од патот од бензиската пумпа кај Билјанини извори до управната зграда на НП „Галичица“ како и еден дел на самиот влез во селото во должина од околу 900 метри. Тој зафат беше финансиран со средства од 6 и пол милиони денари обезбедени преку Агенцијата за патишта на Република Македонија.
„Сега општина Охрид аплициравме на огласот објавен од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и земјоделието, во вредност од 14 и пол милиони денари се реконструира комплетно патниот правец, преостанатиот дел од овој патен правец од 3200 метри. Патот е проширен за отприлика половина метар, со широчина од 3 и пол метри, поставен е висококвалитетен асфалт и реконструирани се банкините на патот со што се овозможува негово значајно проширување, и движење на поголеми моторни возила.“-вели Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Значењето на оваа реконструкција за жителите на Велестово е голема, сметаат од месната заедница на Велестово.
„Пат кој што одамна требаше да биде направен, пат кој беше многу пати ветуван од претходни локални власти меѓутоа ете уште еднаш ви благодариме затоа што вие собравте сили, покажавте доблест и се направи овој пат, пат кој ќе го отвори развојот на Велестово една прекрасна дестинација како за развојот на руралниот, селскиот туризам, планинскиот туризам, а пред се ќе го подобри животот на оние малку семејства кои живеат во с.Велестово.“-рече Стојан Митрески од месната заедница на с.Велестово.
Според информациите од месното население, станува збор за патен правец кој не добил позначајна реконструкција околу триесеттина години. Инаку, градоначалникот Бакрачески најави ново свечено пуштање во употреба на локален пат од Ливоишта до Вапила, а информираше и дека за брзо време ќе започнат градежните работи за изградба на патот Рача – Кромидишта.