Заврши уште едно успешно издание на „Охридско лето“
И годинава се понуди квалитет што го препознаваат и надвор од нашите граници. За јубилејното шеесето издание на „Охридско лето“ се највуваат нови содржини кои ќе ги потврдат и продолжат високите позиции што ги има оваа најголема музичко-сценска манифестација кај нас и во светот.
Фестивалот Охридско лето запиша уште едно успешно издание во богатата фестивалска историја, изјави директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ на завршната прес-конференција. На фестивалските сцени годинава продефилираа 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат фестивалската програма, рече Поповиќ, на завршната прес конференција.
„Огромен беше бројот на оние кои бараа резервација за свеченото отворање што за нас е доказ дека „Охридско лето“ и годинава понуди квалитет што го препознаваат и надвор од нашите граници. Антички беше претесен да ја собере неколку илјадната публика која беше воодушевена од спектакуларниот настап на светки славната Ванеса Меј. Четириесет и седумте настани кои се одржаа на неколкуте сцени, Антички театар, црква Света Софија, Предворјето на црквата Света Софија, Долни Сарај, во Центарот за култура, беа исполнети до последното место. За дел од настаните се бараше и карта повеќе“, кажа Поповиќ.
Од 59-тото издание на Фестивалот задоволен е и селекторот на музичката програма Васо Ристов. Тој истакна дека и годинава се реализира уште едно квалитетно, врвно, атрактивно фестивалско издание, и како што рече, достојно за паметење.
„На врвните и маестрални изведби на брилијантните уметници, многубројната фестивалска публика им возвраќаше со долги стоечки овации на што уметниците се оддолжуваа со по три или четири биса. Задоволни беа и изведувачите, гости на фестивалот, кои упатија голем број пофалби до фестивалот за прекрасната организација на сите учесници за реализација на фестивалот, гостопримството, топлата и внимателна публика, како и неповторливата акустика на сценските простори, посебно во црквата Св.Софија“, рече селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Васо Ристов.
Драмската програма на 59-тото фестивалско издание исто така понуди квалитетни театарски претстави. Селекторт Александар Попоски рече дека исклучително добри театарски куќи внесоа свежина на фестивалот и оставија силен печат врз публиката.
На завршната прес-конференција, директорката и програмските селектори најавија дека следната година, по повод јубилејот на шеесеттото издание, „Охридско лето“ ќе биде збогатено со нови содржини кои ќе ги потврдат и продолжат високите позиции што ги има оваа најголема музичко-сценска манифестација во Република Северна Македонија која е дел од Европската асоцијација на фестивали