Во живописната Трпејца на колонијата која се одржа по петти пат, цели четири дена твореа уметниците: Мајкл Клос од Канада, Владисав Богичевиќ од Србија, Петрит Лараку од Албанија и Елена Ѓурѓиноска, Наташа Попоска – Карче, Хава Рецепи, Ѓоко Симјаноски сите од Охрид.
Во понеделникот уметниците им ги откриваа тајните на уметноста на учениците од подрачното ООУ „Наум Охридски“ во Трпејца, а имаа средба и со трпејчани и туристи кои овие септемвриски денови се на одмор во селото.
На завршниот ден од колонијата на дружба со уметниците беа и претставнички на Локалниот клуб „Деници“ од Охрид Марија Попоска и Марија Филева – Стоев.
Од мое лично име како годинашен Претседател на Лајонс клуб ,,Деници” – Охрид го изразувам нашето задоволство што ја имавме можноста да бидеме поддржувачи на едно вакво културно збиднување. Честитки до организаторот за посветеноста и ентузијазмот да организира и успешно да реализира една ваква ликовна колонија петта година по ред. Честитки и до уметниците присутни од земјава, но и од надвор од границите, без кои овој настан не би можел да се реализира. Продолжете со Вашето творештво, нека се негуваат уметноста, културата и традицијата, нека дишат преку Вас, бидејќи само така ќе продолжи да дише и нашиот Охрид – рече новата претседателка на Лајонс клубот „Деници“, Марија Филева Стоев.
На завршната средба присуствуваа и вд. директорката на ООУ „Наум Охридски“ од Пештани, Валентина Рубаноска и одделенската наставничка Ана Пупиноска – Стојкоска.
Во пријатен амбиент со традиционалното трпејчко ѓомлезе уметниците изразија благодарност за поканата со идеја дел од веќе етаблираната колекција на слики од петте изданија на колонијата наскоро да ги видат и граѓаните на Охрид, Поградец и Ниш.
Колонијата е во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ и по традиција е под покровителство на општина Охрид.