Skip to main content

Културно забавно лето

Заврши На зајдисонце во Трпејца

Манифестацијата и годинава вообичаено донесе десеттина настани од областа на уметноста, поезијата, музиката, спортот и забавата.
 |  инфодеск  | 
На зајдисонце во Трпејца

По девет дена дружба со туристите и мештаните во Трпејца синоќа беше затворено 11-тото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“.

Честа да ја затвори манифестацијата му припадна на композиторот и хармоникашот Гоце Џуклески. Тој заедно со пријателите – естрадниот уметник Мирко Вретоски и градскиот мешан хор Vox Lychnidos музички ја разубавија вечерта. Публиката слушна грст негови композиции кои се потпираат на чистата македонска музичка традиција.

На зајдисонце во Трпејца

Инаку, манифестацијата и годинава вообичаено донесе десеттина настани од областа на уметноста, поезијата, музиката, спортот и забавата.

И покрај општата финансиска криза и вечниот недостиг на средства не се откажуваме. Благодарни сме на поддршката на општина Охрид и спонзорите. Ние како организатори сме среќни што успеавме да ги реализираме сите најавени програмски содржини. Се потрудивме да внесеме и две новини за комуникацијата и поврзаноста со гледачите да стане поблиска и поцврста. За среќа тие се покажаа како полн погодок и беа одлично прифатени. Ја воведовме трката со куфери по скалинадата – скалилата во Трпејца. Го имавме и конкурсот за најдобра фотографија снимена со мобилен, а инспирирана од природната убавина на Трпејца. Свесни сме дека над една деценија градиме локален културен бренд внимавајќи да не ја изгуби душата и спонтаноста, наспроти масовноста и комерцијализацијата – вели Милчо Јованоски од Здружението „За Трпејца со љубов“.

На зајдисонце во Трпејца

Во Трпејца на сцената под ведро небо беа отворени изложбата на канадскиот уметник со македонски корени Мајкл Клос и изложбата на дела од минатогодишната Уметничка колонија одржана во Трпејца.

Гостуваа младите од охридскиот Црвен крст со поетско – музички перформанс, поетесите – хуманитарки Вера М Самарјанин и Марика Тапанџиева, придружувани од Драган Мијалковски и Живко Поповски – Цветин.

Публиката го гледаше филмот „Мирно лето“. Преку три презентации присутните се запознаа со богатството на Охридското Езеро, со новото време на роботите и минатото на Трпејца, а предавачи беа д-р Орхидеја Тасевска, д-р Анис Сефиданис и Петар Симоноски.

Публиката уживаше и во настапите на бендот „8balls“, дуото Black Moon“, Оркестарот и пејачката група на ФА „Ѓердан од бисери“, младите надежи Ива Чанова – флејта , Димитар Аслимоски и групата „Dancin Angels“.

Традиционално се одржаа кајакарската регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање, поддржани од асоцијацијата „Спорт за сите“ и Спортското друштво „Македонија“ од Швајцарија.