Завршија јунските уписи во ОЕМУЦ
Завршија јунските уписи за средношколците кои своето средно образование го гледаат во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид. Директорот Сашо Недески пријатно изненаден од интересот за наредната учебна година.
Од машинската струка, за насоките Техничар за моторни возила, Машински техничар и техничар за компјутерско управување, се запишани 25 ученици, техничар за производно машинство 19, за насоката Сообраќаен техничар 23 ученици и за насоката Козметички техничар за лични услуги се запишаа 22 ученици.
Од електро струката во насоката Електротехничар-енергетичар 23, електротехничар-електроничар 20, електротехничар за компјутерска елекртоника и автоматика 61 и електротехничар за индустриска мехатроника 23 ученици.
Токму за оваа насока годинава, најголем бил интересот, истакна директорот на оваа средношколска установа професорот Сашо Недески.
Најголем интерес имаше за насоката Техничар за индустриска мехаторника, каде беа пријавени 32 ученици кои ги исполнуваа условите, а се запишаа само 23 ученици, бидејќи толку бараа компаниите коишто се партнери во дуалното образование од „Костал“, „ОДВ“ „ЛТХ“ и „Магна“ – информира Недески.
Конкурсот за упис во средните стручни училишта е направен врз основа на потребите, утврдени во социјален дијалог меѓу училиштата, локалните самоуправи и компаниите.
Системот на дуално образование е еден вид јавно-приватно партнерство помеѓу стручните училишта и индустријата, а е координирано од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Дуалното образование е единствен образовен систем кој ги комбинира содржините кои се предаваат на училиште со практична обука во компанијата.
Самите бројки кажуваат дека е голем интересот на учениците коишто сакаат да се запишат во овие дуални паралелки и уште еднаш да повторам, бројките во овие паралелки зависат од интересот на компаниите. Колку ќе побараат компаниите на толку го распишуваме огласот бидејќи бројката која тие може да ја прифатат, ние ја анимираме во самиот оглас – вели Недески.
Со тоа на компаниите ќе се им се овозможи да вработат квалификувани работници со соодветни вештини, а учениците ќе имаат шанса да бидат обучувани од сертифицирани ментори од компаниите во простории за обуки каде се симулираат вистински работни околности.
На овој начин младите ќе се здобијат со практични знаења, работно искуство и паричен надомест, а на крајот на завршување на програмата ќе се стекнат со диплома за завршено средно стручно училиште и сертификат од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Со ова трето пријајвување во јунскиот рок завршија уписите, додека во месец август, ќе може да се запишат учениците кои се упатени на поправни испити, испит на годината, испити за побрзо напредување, секако доколку има слободни места. Уписниот ден за нив е 22-ри август 2022г.