„Збогум Буково“: Без селекција на отпадот уште долго ќе се труеме од депонијата Буково

Во изминативе две недели сведоци сме дека Буково интензивно чади и отпадот е запален на неколку локации, информираат од Иницијативата Збогум Буково. Посочуваат дека и покрај бројните реакции, прашање е дали дневно се покрива со земјен материјал како што налагаат законските прописи или станува збор за нешто друго.
„Чадот се шири не само на охридска туку и на ресенска страна, а жителите на Крушје речиси секојдневно праќаат застрашувачки снимки од зачадениот локалитет. Добиваме и бројни реакции од минувачи на патот Охрид-Ресен-Битола и сме крајно загрижени ако продолжи оваа ситуација и од здравствен и од еколошки аспект. Во таа смисла од надлежните органи бараме најургентно да ги минимизираат запалените жаришта на Буково за да се спречи отровите да ги дишат граѓаните на Охрид и ресенските населби. Од друга страна апелираме граѓаните да го селектираат отпадот: пластика, хартија, стакло, како и стариот мебел, за да се минимизираат канцерогените емисии од овие материјали.“ – велат од Збогум Буково во допис до медиумите.
Од Групација од еколошки организации информираат дека со бројни акции кои следуваат, ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните и да вршат притисок врз надлежните органи за побрзо решавање на проблемот со отпадот кој со години го загрозува нашиот регион.