Skip to main content

„Збогум Буково“ посадија 14 садници див костен на АСНОМ

Оваа мала акција е вовед во новата, позелена и похумана година во која ќе дојдеме поблиску до целта, а тоа е Буково да биде излетничка зона.
 |  инфодеск  | 

Дел од тимот на „Збогум Буково“ денес посади 14 садници на див костен во слободните предвидени места за дрвца во дрворедот на улицата АСНОМ во Охрид. Оваа мала акција е вовед во новата, позелена и похумана година во која ќе дојдеме поблиску до целта, а тоа е Буково да биде излетничка зона.

Во нивното соопштение објаснуваат за нивната одлука зошто да посадат баш див костен.

„Дивиот костен е впечатливо и прекрасно листопадно дрво. Обично достигнува височина од околу 12 метри и широчина на крошната од околу 8 метри. Иако е брзорастечко дрво,за да ја постигне крајната височина и големина сепак му се потребни 20 до 50 години. Има голема и раскошна крошна која го прави едно од најдобрите дрвја за сенка. Листовите се карактеристични, и имаат спротивно поставени на лисната дршка, 5 до 7 листови кои сеназабени на краевите. Дивиот костен цвета во мај, формирајќи големи соцветија со голем број бели цветови, со жолти и црвени дамки, а кон крајот на август и почетокот на септември, дрвото ги испушта созреаните плодови. Цветовите имаат прекрасен мирис со кој ги привлекуваат пчелите кои вооедно и го опрашуваат растението. Коњскиот костен претставува и уникатно живеалиште и домаќин на други живи организми. Најкарактеристичниот белег на оваа дрво се неговите плодови кои се сместени во плодни топчиња (кутијки) кои од надворешната страна имаат боцки. Плодовите паѓаат на есен, и со самиот удар од земјата кутијките напукнуваат и така ги ослободуваат плодовите. Тие се одличен извор на храна за многу шумски животни, тие не се јадливи, но се лековити за луѓето. Името коњски костен доаѓа од латинското име Aesculus hippocastanum, односнопрефиксот „hippo-“ значи коњ, па оттука и името. Причина зошто ова дрво го носи името на коњот e поради лузната која листот ја остава на гранката кога ќе падне, која многу потсетува на потковица. Вториот дел од името на видот – „castanum“, упатува на неговата блиска сличност со вистинските костенови дрвја кои припаѓаат на родот Castanea. Но сепак ова е негов погрешен идентитет како костеново дрво и тој строго им припаѓа на членовите на родот Aesculus, што укажува на нивна далечна сродност. Иако дивиот костен кај нас често може да се сретне по парковите и градините како култивирано растение, сепак тој природно има многу ограничено распространување на Балканскиот Полуостров и во Jугоисточна Европа. Кај нас природно се развива само на неколку места, и тоа по клисурата на Црн Дрим или Дреночка Река и во подрачјето Суви Дол, по течението на Суводолечка Река. Се вбројува во групата на национални ендемични растенија. На европско ниво, според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), овој вид има ранлив статус, а кај нас се среќава во фрагментирана популација која е во опаѓање. Поточно, ранливоста на овој вид како и на сите останати ранливи видови може да премината во загрозени, доколку не се подобрат условите за нивниот опстанок и размножување. Ова дрво си има своја историја и слава. Имено, дивиот костен е дрвото кое пред многу години ѝ обезбедило засолниште за Ана Франк додека се криела од нацистичкиот режим. Низ нејзиниот дневник, таа честопати ја опишува својата воодушевеност од величественоста на ова дрво. Се смета дека кој наесен ќе го собере првиот плод од див костен ќе го следи среќа во претстојниот период.“