„Здрава храна за детство без мана“
Децата од градинката „Јасна Ристеска“ денес преку маски, песнички и танц упатија порака до сите како треба да се храниме. Креативноста на воспитувачките и родителите споена со детската невиност и непосредност беа полн погодок
Јаболка, јаготки, цреши, моркови, патлиџани и многу други овошја и зеленчуци никнаа во дворот на градинката „Јасна Ристеска“. Дечињата од петте објекти на оваа градинка на возраст од 4 до 6 години преку своите маски упатија порака до сите деца, но и возрасни дека треба здраво да се храниме. Секое од децата си има свое омилено овошје и зеленчук:
„Јас сум јаболко зошто многу сакам да го јадам ова овошје“
„Јас сум цреша, таа е најслатка“
„Јас сум јаготка“
„Јас сум патлиџан, едвај чекам да дојде лето за да можам да јадам патлиџани, ама охридски“
„Јас сум морков, го јадам како зајак“
Кампањата „Здрава храна за детство без мана“ за прв пат се спроведува во градинките во Охрид. Во нејзината реализација учествуваа воспитувачките, децата, но и родителите. Нивната креативноста беше покажана на највисоко ниво.
Воспитувачката Аалтана Апостоловска вели дека за оваа манифестација се подготвувале еден месец. Покрај тоа што тие интензивно работеле многу им помогнале и родителите особено во изработката на костимите. Апостоловска кажа дека само со заеднички ангажман можат да се постигнат добри резултати.
Ваквата манифестација ќе премине во традиција бидејќи тоа е дел од програмата на Министерството за труд и социјала, вели директорката Марина Петровска Тодоровска. Таа објаснува дека во секој град ќе се промовира овошјето и зеленчукот кои се карактеристични за тој регион. Целта е да се запознаат децата со здравиот начин на исхрана и што повеќе да го практикуваат. Тодоровска нагласи дека децата се повеќе сакаат да јадат овошје и зеленчук што многу ја радува.
Покрај забавен оваа манифестација имаше и натпреварувачки карактер. Децата си ги измерија силите во лупење и јадење овошје, селектирање на зеленчук и овошје, како и во пиење овошни сокчиња. Секако најголема подршка им беше аплаузот на родителите, бабите и дедовците кои дојдоа во голем број за да ги видат и бодрат своите најмили.
{loadposition content9}