Skip to main content

Здружение „ЕДЕН“: Оној што е хуман кон животните е хуман и кон луѓето

Оној што е хуман кон животните е хуман и кон луѓето. Вистинската хуманост не знае за дискриминација. Оваа порака доаѓа од Здруженијата за заштита на животни, на одбележувањето на Светскиот ден на бездомните животни 4 ти април.

 |  Николоска Биљана  | 

Бездомните животни со години се убиваат, се трујат, а резултати нема. Денес 4 ти април се одбележува Светскиот ден на бездомните животни. Здруженијата за заштита на животни веќе со години точно го лоцираат коренот на проблемот и вперуваат прст кон децениската неажурност и неисполнителност на институциите, т.е. Локалните самоуправи, како што велат од здружението „ЕДЕН“.

Тие укажуваат дека со години постои и стратегија за хумано, трајно и темелно справување со бездомните кучиња, изработена од граѓанскиот сектор и според нив во нашата земја проблемот трајно би се решил за 6 месеци до 1 година. Но додаваат дека за жал, сеуште нема никакви напори од страна на надлежните за негово решавање. Граѓаните мора да разберат дека според научни истражувања агресијата кај животните се намалува за дури 95% откако ќе се стерилизираат/кастрираат, а со вакцинирање им се одржува здравствениот статус и не се извор на зарази за човекот.

Труењето на бездомните животни не само што е кривично дело, туку е и огромна опасност за човекот, особено за децата. Во последниов период сме сведоци на зачестени труења на територијата на целата земја. Во Охрид пред три дена беше отруено куче и тоа на детско игралиште во близина на детската градинка и училиштето во Лескајца.