Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид ја одбележа својата 60 годишнина
Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид ја одбележа својата 60 годишнина. Тие се задоволни од грижата на државата и локалната во подобрувањето на квалитетот на нивниот живот. Годинава што изминува ќе ја паметат по тоа што го остварија правото на глувост, а тоа им е мотив за да продолжат со борба и во наредната година за остварување на своите права.
Лицата со оштетен слух и глувите лица во годинава што изминува после долгогодишна борба успеаја да се изборат за остварување на правото на глувост. Секое лице кое има оштетување на слухот над 80 децибели доби право на паричен надомест од 4000 ден. Славица Стефаноска, претседателот на Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид вели дека ова има големо значење за лицата кои живеат во светот на тишината.
Овој надомест не е многу но ќе го збогати буџетот на овие лица. Тие сите се работоспособни и имаат свои примања, но ова ќе придонесе за еден поквалитетен живот и за задоволување на некои дополнителни потреби кои овие лица ги имаат, вели Стефаноска.
Во 2015та лицата со оштетен слух добија и право на пет бесплатни билети за автобуски и железнички превоз кои можат да ги користат за патување низ целата држава, а со тоа им се зголемува можноста за полесно да завршат некои обврски во другите градови на Македонија или пак да посетат свои блиски и пријатели кои не живеат во нивниот град. Благодарение на локалната, на глувите лица им се намалени и сметките за комуналии, така што во годинава што е на одминување во голема мера им се подобри квалитетот на животот на овие граѓани. Претседателката на охридското здружение вели дека имаат заложби и за наредната година со кои ќе им се олесни животот на оваа категорија граѓани. Тоа се однесува на намалувањето на старосната граница со која се пензионираат глувите лица.
Сега се пензионираат со старост од 62 до 64 годишна возраст. Но најчесто овие лица се вработуваат многу рано уште на 18 години па до ова возраст имаат повеќе од 40 годишен стаж,. Затоа нашето здружение се залага и испрати барање до Владата на РМ да се намали оваа старосна граница, вели Стефаноска.
Инаку охридското здружение брои околу 140 лица во кои има и од помладата популација. Денес тоа одбележа 60 години од своето постоење. Во овој долг период здружението функционира и се надградува и посветено работи на подобрувањето на квалитетот на животот на лицата со оштетен слух.