Зелено Охридско езеро
Љубителите на едриличарството го протежираат концептот Зелено Охридско езеро. Со него ќе се заштити езерото од загадување од штетните горива кои ги користат останатите пловни објекти, а и ќе се стимулираат младите да се занимаваат со овој спорт.
Зелено Охридско езеро. Овој концепт го протежираат љубителите на едриличарството и тврдат дека од него и езерото и градот ќе имаат повеќекратен бенефит. Прво и можеби најважно е што ќе се заштити езерото од загадување од штетните горива кои ги користат останатите пловни објекти. Будимир Соколовиќ, сопственик на едрилица објаснува дека едрилиците трошат тројно помалку гориво одколку на пример глисерите. Тој го истакна примерот кога на регатата во Хрватска за изминати 500километри потрошиле само 12 литри гориво, а еден глисер толку гориво би потрошил само ако од пристаниште оди до Пештани.
Да не бидам погрешно сфатен ние не сме за да се забранат моторните пловни објекти, но се залагаме се повеќе да се фаворизираат едрилиците. ЗА таа цел бараме да се намалат или укинат давачките за увоз на едрилици бидејќи во моментов се исти како за глисерите, 36%, вели Соколовиќ.
Доколку се намали царината, а во најдобар случај сосема се укине, многу граѓани кои сакаат да купат едрилица побрзо би се решиле за тоа. Од охридската капетанија се информирани за оваа иницијатива на едриличарите и веќе разговарале со претпоставените во Царинската управа.
Најдовме модус како некој предмет кој се увезува да биде изземен од царина и ќе го направиме тоа преку иницијатива на граѓанско здружение. Ни ветија дека од ддв не можат да бидат ослободени, но ќе бидат од царина, објаснува Устијаноски.
Втор концепт од проектот Зелено Охридско езеро е развојот на спортот. Соколовиќ вели дека со едрење можат да се занимаваат лица од 7 до 77 години. Тој додава дека радува фактот што се повеќе деца се заинтересирани за овој спорт, но треба да се создадат услови за тоа и да се набават повеќе едрилици.