Skip to main content

Земјоделците да водат повеќе грижа за прихранување на растенијата, предупредуваат агрономите

Земјоделците да водат повеќе грижа за прихранување на растенијата, предупредуваат агрономите.

 |  Валентина Неловска  | 

Опаѓањето на воздушните температури кои се најавуваат за претстојниот период не треба да ги загрижува земјоделците, порачуваат агрономите. Температурите кои се  најавуваат  од 6 до 10 степени минимални утрински  не се  штетни за растенијата  и не предизвикуваат  појава на слана. Повеќе треба да ги загрижува дождот кој може да предизвика проблеми при бербата на плодовите кои се во тек, предупредува  Мирослав Трајчески, дипломиран инженер агроном од земјоделската аптека Агрос. Посебно тоа се однесува за овоштарите, одгледувачите на јаболко и винова лоза. По дождовите и појава на повисоки темеператури на плодовите може  да се појават секундарни инфекции како што е  чадливата краста кај јаболката, а кај грозјето прскање на зрното и скапување, напоменува Трајчески. За да ги заштитат препорачува употреба на комбинирани препарати за заштита од скапување.


„ Прскањето треба да се изведува редовно и најдобро е  да се изведува превентивно и во овој период. Во овој период се очекуваат врнежи од дожд и потоа се очекува појава на болести од групата на скапувања. Најдобро е  прскањето  да се изврши превентивно, а прихраната  на вегетацијата да е во текот на целата година, “ подвлекува Трајчески.

За растенијата и овошките  многу е неповолен периодот  кога после суша настапува период на дождови. Тогаш кај градинарските култури може да се  појават болести.  Најчесто  дождот предизвикува  болести  и оштетување на плодовите како што се доматите и пиперките, напоменува Трајчески.

 

„Обично пукањето се јавува по долг сушен период, а после обилни дождови. Може да има поголем обем кај културите кои не се добро заштитени или исхранети. Во однос на исхраната ако не се ставени препарати против скапување и  ако културата  не е редовно хранета со калциум  ќе има пукање. Калциумот придонесува за поголема цврстина на покожицата и го намалува пукањето , а ќе се јавува во различен обем во зависност од конидцијата на растението“, вели Трајчески.  

Доматот и пипреките ќе се берат уште еден месец до месец и половина па добро е ако не се прихранувале тоа да се направи во првиот  погоден момент за да се  заштитат  растенијата. Правилната прехрана на овошките и градинарските растенија значи и нивна поголема отпорност од болести , а со тоа се гарантираат и  квалитетни приноси, укажува агрономот Трајчески.