Земјоделците и институциите да се вклучат во заедничка борба против еколошкото загадување
Само со сериозна едукација на прозиводителите на храна и силни контроли на институциите од аграрот ќе се произведува здрава храна и ќе има чиста животна средина. Со замижувањ пред проблемот само ќе се влошува состојбата, сугерираат ретките еколошки свесни земјоделци.
Македонија се почесто се рангира меѓу земјите со најголемо еколошко загадување што им паѓа тешко на еколошки освестените граѓани и производители на храна. Охридскиот земјоделец Ванчо Стојаноски е меѓу ретките земјоделци кој се бори за надминување на загрижувачките состојби со деградирање на животната средина. Нагласува дека на глобално ниво 70 посто од загадувањето на животната средина се должи од неадекватните техники во земјоделието. Нашата земја е на уште пониско ниво од европските проценки, вели разочарано Стојаноски, а земјоделците и наделжните институции замижуваат пред тие факти.
„ Многу е едноставна работата. Да ги насочите луѓето да ги почитуваат правилните практики во спротивно да се санкционираат. Мора да се воведе мониторинг на земјоделските површини, контрола какви препарати и колку пати се користат “, напоменува Стојаноски.
Излезот од деградирање на земјоделските површини, а со тоа и на животната средина во целост, Стојаноски го гледа во совесното работење и на земјодлеците, но и во институиците. Потребни се построги контроли од страна на надлежните институции и овластените инспектори, кои за жал нити еднаш во охридско не дошле на терен, вели Стојаноски. Сега е залудно постоењето на тела во институциите кои во најголем дел не функционираат. Само со обука на земјоделците и контрола на насадите ќе има резултати, подвлекува Стојаноски.
„ Во ЕУ и во Хрватска ако во текот на годината земјоделецот не споетува обуки со одреден број на часови нема право на субвеници .Не можете да давате пари од народот на производители кои не сакаат да применат наука, да ги намалат производствените трошоци во земјоделието, да добијат поквалитетни производи и што е најважно да има помала деградација на животната средина“, споделува Стојаноски искуства од западноевропските земји кои системски се борат за здраво производство на храна и земјоделски површини.
Охридскиот земјоделец, Ванчо Стојаноски со жалење напоменува дека голема е незаинтерсираноста и кај земјоделците и кај институциите да се искористат средства од фондовите и грантовите од Евроската унија наменети за овој сектор.