Земјоделците од регионов да соработуваат и да ги следат европските примери
Од форумот „Одржливо земјоделие и руралниот развој за забрзување на ЕУ интеграцијата на земјите од Западен Балкан” упатена е порака до земјоделците во регионот да го синхронизираат регионалниот за да имаат полесна конкурентност на европскиот пазар. Во таа насока Македонија е лидер во регионот во користење на пари од европските фондови од Ипард програмата. Со соседна Србија потпишала неколку спогодби со кои се признаваат фитосертфикати и други олеснителни процедури во земјоделието, а ќе следуваат поврзувања и со другите земји од регионот.
За развој на земјоделието во земјите од регинов потребна е меѓусебна соработка и следење на европските примери. Само преку брзо прилагодување и користење на средствата од европските Ипард фондови земјоделието ќе го зголеми учеството во вкупниот домашен производ и ќе биде конкурентно на глобалниот пазар, порача ресорниот министер Трајан Димковски од форумот на тема “Одржливо земјоделие и руралниот развој за забрзување на ЕУ интеграцијата на земјите од Западен Балкан”.
„Пораката до земјоделците во регионот е за да бидеме конкурентни на големиот европски пазар на прво место ќе бидат потребни инвестиции во нови технологии, почитување на стандарите, синхронизација на нашиот регионален пазар за полесно да се пробиеме на европскиот каде што конкурентноста е поголема. Земјоделските производители за потребите на пазарот мора да се прилагодуваат на стандардите со кои се соочуваме како регион“, укажа министерот Димковски.
Министерот Димковски ги наведе досегашните чекори кои Македонија ги направила во таа насока. За само 2 години, земјава стана лидер во регионот од искористување на европските фондови од Ипард програмата, кажа Димковски. Во однос, на процесот на поврзување на земјите од регионот, пак го посочи примерот со соседна Србија со која биле потпишани неколку спогодби со кои се признаваат фитосертфикати и други олеснителни процедури, а тоа наскоро ќе го направат и со Албанија.
Руди ван дер Стапен , претсавник од Европската комисија повеќе од 2 и пол години ги следи апликациите на земјите за користење на средства од Ипард фондовите.
„Сметам дека Македoнија добро ги искористува фондовите на Ипард и се отвараат нови плантажи за растенија и фарми за производство на месо. Земјата е на добар пат за аплицирање и добивање на нови средства од Ипард фондовите“, напомена ван дер Стапен.
Бобан Илиќ, Генерален Секретар на Регионалната работна група за рурален развој ги сподели темите на кои два дена ќе се дискутира за одржливо земјоделие и рурален развој на целиот регион. Покрај користење на средствата од Ипард фондовите, учесниците ќе дискутираат и за стандардите за квалитет, регулативите за вино, сертификатите за економска активност и за рурален туризам.
На форумот “Одржливо земјоделие и руралниот развој за забрзување на ЕУ интеграцијата на земјите од Западен Балкан” во Охрид учествуваат 15 земји меѓу кои и сите земји од регионот.