56-годишна охриѓанка тешко повредена откако во неа удрил мопед на булеварот „Македонски Просветители“
Увид на местото на несреќата извршила екипа на СВР Охрид, а се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случила сообраќајната незгода.

Педесет и шестгодишна жена од Охрид се здобила со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа што се случила на 3 јули 2026 година околу 14:45 часот на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид.
Според информациите од полицијата, во несреќата учествувале запрено патничко возило „Киа“ со охридски регистарски таблички, електричен мопед „Јадеа“ со охридски регистарски таблички и пешак.
Во текот на незгодата, електричниот мопед удрил во 56-годишната охриѓанка, која се здобила со тешки телесни повреди. Повредите биле констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.
Увид на местото на несреќата извршила екипа на СВР Охрид, а се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случила сообраќајната незгода.







