Жените фармери имаат пристап до грант
Жените земјоделци и фармери имаат пристап до финансиски средства. Со неповратен грант од Програмата за финансиска поддршка на жените фармери се добива поволна можност за унапредување на земјоделските стопанства. Со грант во висина од 6000 евра, жените ќе може да набават опрема за преработка на зеленчукови, овошни и млечни производи, информира Билјана Ѓорчева, в.д ракводител на регионалното одделение за Југозападниот регион на Агенцијата за поддршка и развој на земјоделието.
Со мерката се предвидува преработка и доработка на примарни земјоделски производи. Доколку, некоја жена фармер сака од родот плодови, може да преработува сок од вишни, аронија, капини или пак да подготвува џем. Исто така, ако сака може да го преработува зеленчукот и да произведува зимница како ајвар или лутеница – подвлекува Ѓорчева.
Апликации за користење на мерки за поддршка на семејните земјоделски стопанства може да поднесуваат жените кои се регистрирани како земјоделски производители, а тоа им е основна дејност. Предност имаат жените на возраст од 19 до 39 години и оние кои се самохрани мајки. Истите услови при аплицирањето важат и за жените кои одгледуваат добиток.
Треба да се носители на земјоделски, семејни стопанства кои одгледуваат ситен или крупен добиток. Може да набават молзачка за овци или кози, посатки за производство на сирење за да се постигнат стандардите кои ги бара Европската унија. Да има поголема хигиена во просториите каде што се преработуваат млекото, сирењето и другите млечни производи – напоменува Ѓорческа за дел од можностите за набавка на опрема.
Со набавка на различни видови опрема, како што се на пример, ладилници, сушари, апарати за сечење, за филтрација, ферментација, стерилизација ќе се намалат трошоците на производство, а ќе се ублажат финансиските издатоци на жените фармери бидејќи се користи неповратен грант.
Повиците за модернизација на земјоделските стопанства се отворени до 20 мај.
Инаку, во последните две години со пандемијата, нема голем интерес кај жените да се вклучат во земјоделското и сточарското производство во охридскиот регион.