Женскиот ракомет се враќа во Охрид после долга пауза
Од Септември се надеваат дека ќе ги имаат сите потребни услови за да заиграат во Првата женска ракометна лига во Македонија.
Не стивнува ракометната еуфорија во Охрид. Последна и најсилна причина е формирањето на женскиот ракометен клуб „Моби Дик“. Тоа е клубот кој ќе го понесе товарот да ги потсети охриѓани на историјата, но и да им ја покаже иднината на женскиот ракомет, кој за жал долги години го немаше во Охрид. Го посетивме нивниот прв, официјален тренинг, а бројката на девојчиња кои тренираа беше огромна, па не испуштивме да ги запрашаме зошто ги привлекол токму ракометот.
„Долго време чекав ракомет, и сега се отвори. Интересно е досега, се надевам и натаму ќе биде.“
„Во градов немаше долго време женски ракометен клуб и кога се отвори, решив да се запишам.“
„Ракометот бидејќи е многу добар спорт, бидејќи ќе одиме во лига, едноставно затоа што ќе се натпреваруваме.“
„Многу интересно бидејќи ќе одиме во лига, ќе се натпреваруваме со други.“
„Најомилен спорт ми е така да сакам да играм.“-рекоа дел од девојчињата.
Идејни творци на новата ракометна надеж се трите ракометни тренерки Јованка Цветановска, Билјана Смилевска и Софија Цуцулеска. На овој чекор се одлучиле затоа што сакале да го вратат женскиот ракомет во Охрид. Работата им тргнала добро затоа што по уписите кои ги имале на 02ри Февруари, успеале да запишат околу 300 девојчиња, а интересот и натаму присутен. За клубот имаат големи амбиции, не планираат само да тренираат, туку од Септември и да се натпреваруваат во Првата македонска женска ракометна лига.
„Планираме да имаме една група која што ќе се натпреварува во Прва лига, друга група која што ќе ја претставува пионерската група, значи и тие исто така ќе бидат пријавени во друга лига, а сето тоа понатака ќе оди на некој вид селекција.“-вели Јованка Цветановска, тренер во женскиот ракометен клуб „Моби Дик“.
За разлика од ракометните школи кои само тренираат ракомет, „Моби Дик“ е ракометен клуб, па натреварите во официјална лига секако ќе значат и потреба од големи финансиски средства.
„Ние на почеток ја имавме оваа идеја за ракометен клуб, меѓутоа за таквата идеја да стане реалност, во пресрет ни излезе нашиот претседател, Јован Крстаноски. Тој е главниот спонзор, спонзор ни е Моби Дик, меѓутоа понатака за учество во Прва лига се надеваме дека во пресрет ќе ни излезат и други лица коишто ќе можат да го финансираат, да учествуваат и да помагаат за развој на спортот во Охрид.“-рече Цветановска.
Женскиот ракометен клуб „Моби Дик“ засега има два термини во понеделник, два во вторник, и по еден во среда, сабота и недела, но велат дека преговараат за добивање на додатни термини. Инаку нивните тренинзи во салата „Билјанини извори“ се финансирани и обезбедени од страна на локалната самоуправа.
Овој месец, девојчињата ќе тренираат бесплатно, додека понатака ќе издвојуваат месечна членарина од 500 денари.
{loadposition content9}