Жестока дискусија за планот за вработувања во општинската администрација

Мнозинството во Советот на Општина Охрид на денешната 52 седница даде согласност за Измените на годишниот план за вработување во општината за 2025 година. Измените предвидуваат пополнување на 13 работни места и 8 унапредувања.
По оваа точка на дневниот ред се разви жестока дискусија помеѓу координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата, Живка Ангелоска и секретарот на општината Александар Китески.
Ангелоска од говорницата потсети дека локалната власт минатата година со нов акт за систематизација на работните места искажа намера да се редуцираат работните места, но дека планот кој денеска беше на дневен ред не води кон редуцирање работни места туку кон зголемувањена администрацијата. Планот за вработување не е само гломазен туку и нефункционален и неоправдан за општина која е на врвот во државава по бројност на администрацијата, рече Ангелоска.
„Со вакви планови за вработување ние не можеме да кажеме дека локалната власт е сериозна во однос на раздолжувањето на општината и сигурно дека и по завршувањето на нашиот мандат како советници години натака повторно раздолжувањето ќе биде актуелна тема, повторно ќе се поставуваат прашања зошто не е реализиран ниту еден поголем проект, општината континуирано ќе се задолжува со кредити, краткорочни и долгорочни и доколку не потоеја вакви планови за вработувања можеби општината немаше да аплицира за унгарскиот кредит за реконструкција на улици и канализации кои требаше да ги направи со опствени средства туку за училишта онака како што доликува.“ – кажа Ангелоска.
Одговорно тврдам дека бројот на вработени ниту сега ниту на крај на мандатот на оваа локална власт нема да биде поголем од бројот на вработени што го затекнавме, кажа секретарот на општината, Александар Китески. Додаде дека од 31 вработен преку Агенција кои ги затекнала оваа власт и кои ја чинеа општината пеку 1,2 милиони денари месечно, на крај на мандатот, нема да останат ниту петмина.
„Јас, во август кога го носевме овај годишен план за вработување ви кажав дека ќе има измени и дополнувања со оглед на тоа што се работи нова систематизација и овие работни места се согласно новата ситематизација. Во август месец имавме 11 сега се 13 од едноставна причина едното е дополнително пензионирање на пожарникар , второто е командир на одделение кое што е од редот на вработените , и да сака некој надворешен не може да биде на тоа место. Значи јас немам ниту едно вработување плус од она што се испразнува. По однос на унапредувањата , не 8 ако можам во 2025та ќе унапредам уште плус 10 и ќе има унапредувања.“ – кажа Китески.

Дискусијата се заостри со политички препукувања од говорницата која политичка опција додека била на власт ја зголемувала општинската администрација со нови вработувања, кој работел недомаќински, кој ја раздолжувал општината, кој реализирал проекти.
„Континуирано во вашиот жаргон е онаа споредба „ние-вие“. Значи не сме ние, вие сте на власт. Се она што треба да се решава, вие треба да го решавате. Четири години сте на локална власт. Истата реторика, самокритичност нула. Кога јас сум била претседател на совет и да кажеме дека имало вработувања, меѓутоа имаше и реализација на проекти. Вие немате реализирано ниту еден поголем проект. Кога јас бев претседател на совет не се даваа субвенции на јавните претпријатија, а сега три години јавните претпријатија, најголем дел од нив, работат со субвенции од општината без кои не ќе можат да поделат плата. Соси јавните претпријатија имате некаде над 50 нови вработувања.“ – кажа советничката Ангелоска.
„Мора да има споредба за да видиме како било предходно, а како е сега. Вие во никој случај не може да се тргнете од тоа дека носевте планови за вработување со над 20 луѓе. И за јавните претпријатија иако не сум дирекно инволвиран , јас ви гарантирам дека секаде се води сметка и никаде нема повеќе вработени од онај број којшто бил затекнат, секаде се помалце. Вие носевте гломазни планови, како што сакате да ги нарекувате, кога опптината беше со блокирана сметка, ние носиме реални планови за вработување во период кога имаме одблокирана сметка. По однос на проектите, имаме разговарано, вие очигледно не гледате што се прави. Граѓаните гледаат дали се работат проекти и ќе си го кажат своето.“ – кажа Китески.
Новите вработувања најмногу го оптеретуваат општинскиот буџет, а општината со ваква финансиска состојба и резултати во работењето не е во состојба да си дозволи паралелно и вработувања и унапредувања, потенцира советничката Ангелоска. Секретарот пак дециден дека во изминатите три години се носат планови со кои се води сметка само да се пополнуваат испразнети работни места, а не и да се вработуваат нови административци.
Latest Охрид
