Жестока расправа за Мауцкер
Со 13 гласови „ЗА“ и 4 „Воздржани“ Советот ја усвои Предлог Програмата во областа на располагањетo со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Охрид за 2022 година. Оваа точка на дневен ред предизвика жестока расправа на денешната седница во која се вклучија и претставници на невладини организации кои ја следеа работата на советот. Советничката од Левица, Виолета Аврамоска, која поднесе 82 амандмани на точката, во своето излагање истакна дека амандманите се со единствена цел да се блокира точката при што побара од предлагачот да ја повлече, а до советниците апелираше да не ја изгласаат, односно како што рече, да не дозволот распродажба на градежното земјиште на Мауцкер со почетна цена од 70 денари посебно затоа што таму се наоѓаат важни археолошки локалитети кои се дел од Планот за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион.
„Спротивно на актуелниот План за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион каде е регулирано и управувањето со археолошкиот локалитет Хермелеја на Мауцкер, Општина Охрид го распродава локалитетот за 1 евро за квадрат. Државното земјиште не е лична сопственост ниту на градоначалникот, ниту на неговата партија, ниту нa никој од нас, туку на народот. За продажбата на Мауцкер треба да се слушне гласот на охриѓани, а не интересите на бизнис елитата и профитерите од власта.“, кажа Виолета Аврамоска – Советник од Левица.
На точката за располагање со државно земјиште реагираа НВО „Енхелеус Лихнид“ , ЕД Грашница, Македонско-албанска асоцијација на 17 граѓански организации за природно и културно наследство, Туристичка асоцијација на Охрид, чии претставници беа присутни на седницата. Тие упатиле барање до Советот да се обратат на седницата и да ги објаснат своите аргументи зошто Мауцкер не треба да се продава.
Претседателот на Совет, Сашо Донев не дозволи обраќање на присутните од невладините организации укажувајќи дека тие можат како гости да ја следат седницата но не и да учествуваат во расправа од говорницата. Археологот Сашо Кировски од „Енхелеус Лихнид“ од место го изрази својот револт.
„Еве што продавате. Ова е археолошка карта, ова е основа на античка архитектура предмет кој се полага за Енгелана. Како ќе одат студентите и научната фела таму ако еден ден се продаде Мауцкер? Тоа е археолошки комплекс а не локалитет. Не ме интересира партија, ме интересира Македонија, науката и љубовта кон Охрид кој е светско наследство. Еден проект немате направено за заштита на културното и природно наследство, ниту вие ниту СДСМ. Срамете се.“, посочи Сашо Кировски – археолог, член на„Енхелеус Лихнид“.
Претседателот на Совет се обиде да воведе ред замолувајќи ги присутните од невладините здруженија да ја следат седницата без упаѓање во спротивно да ја напуштат салата, по што нивното барање пред советниците го прочита советничката Аврамоска. Во археолошкиот комплекс кај Мауцкер значајни национални добра претставуваат археолошкиот локалитет Хермелеја, Козлук, Габавци , Ранохристијанската базилика посветена на Св Еразмо, Чекоштина, Енгелана. Бараме советот на Општина Охрид да не гласа за ова отуѓување на земјиште заштитено со закон, истакна Аврамоска.
Општинските стручни служби се изјаснија дека амандманите на Аврамоска се неосновани и не се во согласност со закон, по што следеше гласање и сите 82 амандмани беа отфрлени од мнозинството додека советниците од опозицијата гласаа воздржано.
Пред гласањето за Програмата за располагање со државно земјиште , секретарот на општината, Александар Китески истакна дека од моментот кога била закажана седницата до нејзиното одржување граѓанските здруженија имале време да ги достават забелешките до него, Градоначалникот, Претседателот на Совет, до службите на локалната. Ја обвини советничката Аврамоска дека ги организирала случувањата на седницата со цел да се претстави точката во поинакво светло пред јавноста. По ова падна нивото на комуникација од говорницата.
„Почитувана советничке од Левица очигледно денешниов циркус е ваше масло. Не носиме денес одлука за продажба на државно земјиште како што сакате да претставите пред граѓаните на Охрид. Меѓутоа освен да лажете друго не знаете. Ако сте толку искрени и се грижите за градот ќе дојдевте да ги решаваме проблемите доколку ги има.“, кажа од говорницата Александар Китески – Секретар на Општина Охрид.
„Секретаре јас никогаш не лажам и немој да ме нарекувате лажга. Јас воопшто не ги повикав овие луѓе денес. Луѓето ме исконтактираа вчера , сакаа да бидат присутни на седницата која што е отворена за јавност колку што ми е познато и има право секој да присуствува, сакаа да се обратат, не им дозволивте , го прочитав нивното барање но немој да ме нарекувате лажга и циркузант.“, реплицираше Аврамоска.
Со Програмата се отвора можност за продажба но не значи дека сите наведени парцели ќе бидат реализирани, реализацијата на програмата може да биде и 0, истакна претставник на општинските стручни служби.
„Што се однесува за археолошкиот дел за да се стави земјиште на продажба треба да имаме соодветна планска документација. За овој простор е донесена планска документација и ги има сите потребни документи и согласности вклучувајќи ги и Министерството за култура и Завод и музеј. Да не се доведува јавноста во заблуда, постапката е запазена, одржана е јавна анкета, презентација и добиена е позитивна оценка од Минстерство за транспорт и врски.“, Кирил Илоски – Сектор за урбанизам.
Целокупната постапка за продажба на градежно земјиште ја извршува Комисијата донесена од Градоначалник и не е потребна одлука на советот за секоја парцела, истакна претставникот од стручната служба при Општина Охрид.
Од претставникот на стручните служби на седницата беше објаснето дека Програмата мора да се донесе согласно Законот за градење, во спротивно може на општината да и бидат одземени ингеренциите во делот на располагање со државно земјиште на нејзина територија.