ЗГ „Оревче“ : Да се отфрлат предлог одлуките за легализација на бесправно изградените објекти во АК Градиште
Стотина семејства од Пештани, засегнати со враќање на имотите со денационализација од авто кампот Градиште,бараат како што велат, да се спречи криминалот и да си ги добијат имотите назад. Две децении трае нивната правна битка за враќање на имотите со кои сега стопанисуваат приватни субјекти.
Отфрлање на предлог одлуките за легализација на бесправно изградени објекти во авто кампот Градиште на утрешната седница на Совет, бараат од здружението на граѓани „Оревче“. Стотина семејства од Пештани сопственици на 100.000 метри квадратни имот во најатрактивниот камп Градиште ги повикуваат советниците од позиција, опозиција и независните да ја поддржат нивната правна битка за враќање на нивните национализирани имоти која ја водат долги години.
„ Не сакаме легализација на објектите. Законот е дециден. Со донесување на законот за денационалзиција во 2000 година во член 72 стои дека со имотот во постапка со денационалиција не треба да се стопанисува и да не се преземаат активности. Тие немаат одобренеи за градба и втор пат користат вакум да ги легалзираат“, посочува Ѓоре Танески претседател на Здружението на граѓани Оревче.
Барателите на имот во Градиште по пат на денационализација, напоменуваат дека скоро 2 децении се заглавени во правните лавиринти на системот. Правдата е попречена од поединци кои себеси се поставуваат над законите, носат одлуки и решенија кои се спротивни на законите, вели Танески.
„ Претходно најголеми виновници од 2000 година се претставници на општинските комисии Маја Парнарџиева, Милка Славкоска и сегашната претседателка Валентина Димитриеска, кои не го почитуваат донесениот закон и покрај добиените постапки од Управниот суд. Се побиваат сите решенија и продолжуваат со нивни решенија со минимални цени“ , кажува Танески.
Комисија од Министерството за финансии предлага обештетување на наследниците на имотите во АК Градиште по 275 денари за метар квадратен за атрактивното земјиште кое е проценето дека има вредност од 12.000 денари по метар квадратен. Од здружението на граѓани „Оревче“ посочуваат дека нема да дозволат некој да им го одземе имотот кој еднаш веќе им бил одземен на нивните предци. Најавуваат дека утре на седницата на Советот ќе присуствуваат и мештани од Пештани.