Зголемен бројот на каснувања од змија во охридскиот регион
Зголемен бројот на каснувања од змија во охридскиот регион. Турист од Холандија во Охрид каснат од змија вчера беше транспортиран со екипа на Итната медицинска болница во Дебар, бидејќи во Општата болница во Охрид во моментот немале противотров за змии. Последниот бил даден на повозрасна жена која била донесена во болницата во петокот.
Болницата во Дебар вчера била единствената во блискиот регион која имала серум антивипериум. Директорот на болницата во Дебар вели дека пациентот бил донесен за да прими терапија и веднаш бил вратен во Охрид.
„Во тек е тендерската постапка за набавка на лекарства и во меѓувреме колегите во Охрид немале, ги завршиле антивипериум серумите познати како противотров за змии, ние имавме и во овој случај направивме услуга. Значи го донесоа пациентот го боцнавме и веднаш го вратија. Болницата наша има ваков серум и сме луѓе се помагаме институционално”, вели Јетлумт Пашоли директор на болница Дебар.
Од охридската болница велат дека серумите се трошат оти имаат зголемен број на пациенти, а само во изминатите два месеци имале три случаи на каснување од змија. Во едниот случај станувало збор за повозрасна жена, еден пациент настрадал додека ја расчистувал гаражата во својот дом а имало и жена која била касната од змија во селото каде живеела.
Денеска во болницата во Охрид веќе била набавена комплетната терапија за вакви пациенти.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) упати апел до граѓаните дека при прошетки во природа може да се сретнат со змии кои најчесто бегаат од луѓето, но доколку бидат вознемирувани намерно или ако случајно бидат нагазени или наседнати, иако во ретки случаи, граѓаните можат да бидат гризнати од влекачите.
„Во таков случај и по прва самопомош е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош. Важно е да се потсети дека ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош е многу важно и за што пократко време да се добие и медицински третман”, велат од ЦУК.
Од ЦУК додаваат дека на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 имало повици за многу различни итни случаи, меѓу кои и за опасност од присуство на змии во објекти во населени места. Посочуваат дека во одредени случаи пожарникарите помагаат змиите да се отстранат од објекти и површини во населени места, како при симнување мачки од дрвја или повисоки места, но, нагласуваат, тоа не може да се оствари секогаш, особено во период на сезона на пожари.
ЦУК потсетува дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат.
Во Македонија има 16 вида змии, од кои два се водни, а три се отровни.