Противпожарната единица Охрид оваа грејна сезона со полни раце работа. Пожарникарите интервенирале на 33 пожари, десеттина повеќе од лани. Најчеста причина се оџачките канали, односно пожари настанати од неисчистени оџаци. За среќа нема повредени и најважно ниту една жртва во пожари.

Од ТППЕ Охрид апелираат граѓаните да бидат внимателни и совесни.
„Најголем број имаме пожари на оџачки канали, угостителски објекти, пожарипредизвикани од електрични инсталации и уреди, пожари на сообраќајни средства и пожари на отворен простор. Да се чистат оџаците, односно редовно да се проверуваат и одржуваат да внимаваат на електричните продолжетоци за повеќе грејни тела. Најголеми предизвикувачи на пожари е дотраена електрична инсталација, несоодветни електрични продолжетоци и оџаците.“ – вели Борко Јанкуловски, командир на ТППЕ Охрид.

Зголемен број на пожари има и во општина Дебрца, таму деновиве имаше и два пожари на отворено, беше запалена сува трева во Издеглавје и Белчишта.
„ Во општина Дебрца имаме зголемен број на пожари на отворен просотр. Изминатиот период намерно беше запалено белчишкото блато кое што знаеме дека за општина Дебрца е една атракција тоа е заштитетно природно наследство и еден апел до СВР Охрид се почесто да се присутни на тој потег.“ – посочува Јанкулоски.
Противпожарната единица во Охрид е добро екипирана има 39 пожарникари, располага со седум возила од кои шест во исправна состојба. Но се работи на изнаоѓање начини за возобновување на возниот парк. Во тек е постапка за набавка на заштитни одела за урбана средина.
Новинар Соња Рилковска