Skip to main content

Зголемен број на случаи на грип, препишани 150 дози на тамифлу во Охрид

Матичните лекари со препораки лесните настинки да се лечат природно во домашни услови, а оние со посериозна клиничка слика веднаш да бараат помош од лекар.

 |  Мишел Наумоски  | 
nastinka
настинка

Драстично зголемен бројот на пациенти во изминативе две недели кои се јавиле кај своите матични лекари дали со симптоми на настинка или пак со посериозна клиничка слика на грип . Зголемување на бројките бележат и во Центарот за јавно здравје од Охрид каде само до минатата недела биле регистрирани 100 случаи на грип споредено со претходниот период кога се бележеле по само 5 -6 случаи. Д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска, епидемиолог при Центарот за јавно здравје, вели дека на најголемиот број од пациентите кои пристигнале со симтоми на грип им била дадена антивирусна терапија со тамифлу. Матичните лекари пак со совет до пациентите, кога да се лечат во домашни услови, а кога да се обратат до лекар.

d-r Mitreska„Пациентите кои имаат полесна симптоматологија треба да останат на домашно лекување, зависно од симптомите, така и да реагираат. За повисока температура да се земат антипиретици како парацетамол, за затнат нос деконгестиви подобро на природна основа како морска вода, капки од диво оригано или физиолошки раствор, да пијат многу течности како супа, чаеви и домашни, свежо цедени сокови и доколку ваквата симптоматологија не се намалува, тогаш да се јават на лекар, ние да препознаеме дали се искомплицирало и треба да реагираме.“-вели д-р Кристина Митреска, матичен лекар.

Д-р Митреска додава дека најчесто во рок од седум дена полесната клиничка слика се стабилизира и може да се остане на домашно лекување. За хронично болните пак, како дијабетичари или луѓе со кардиоваскуларни заболувања, препорачува веднаш да се јават кај својот матичен лекар. А еве како полесно да се препознаат симптомите.

grip„Симптоми како постепен почеток на болеста, едно отежнато дишење на нос заради оток на носната слузница, главоболка, лесно покачена температура или без температура, кивање, солзење на очите, тоа се симптоми кои одат во прилог на настинка, додека симптоми како брз и агресивен почеток со висока температура од 38 до 39 степени, главоболка, општ замор, болка во мускули, коски, зглобови, како цело тело да ги боли, кашлица, одат во прилог кон грип.“-рече д-р Митреска.

Од Центарот за јавно здравје пак информираат дека најголемиот број од пациентите кои биле третирани за грип се на возраст од 20 до 40 години. Досега немаат лабораториски изолирано случаи на инфлуенца тип А. Во моментов имаат испратено примероци на испитување во Скопје, од каде во текот на наредната недела очекуваат резултати.

Инаку досега биле препишани 150 дози од антивирусната терапија со тамифлу. Иако зголемувањето на бројките е драстично, сепак Охрид, со 2500те вакцинирани граѓани, важи за еден од градовите со најмалку заболени од грип.

{loadposition content9}