Расте бројот на пациенти со срцеви заболувања во Југозападниот регион. Во Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид, забележителен е наплив на заболени. Загрижува и тоа што се намалува старосната граница, се повеќе млади страдаат од висок крвен притисок и срцеви болести.
Во болницата дневно има над стотина прегледи, дополнително дијагностички процедури.
„Нашата земја е ставена во групата на земји со висок кардиоваскуларен ризик. Што во суштина значи и зголемен број на пациенти за каридолозите, но и потреба од зголемена здравствена грижа”, вели д-р Елена Коваческа Башуроска директорка на Специјализираната болница за кардиологија во Охрид.
Во тек е реконструкција на болницата, се поставува термофасада, се менува дограма, но потребни се поголеми инвестиции во медицинска опрема.
„Дел од опремата е доста застарена, од 2011 и постара опрема за која е тешко сервисирање и изнаоѓање делови. Потребно е во една ваква институција која професионално и стручно работи потребно е инвестиција во медицинска опрема како би биле во тек со напредокот на медицинската технологија” , додава д-р Башуроска.
Причините за зголемениот број на пациенти со срцеви заболувања лекарите ги лоцираат во нездравиот начин на живот, зголемена телесна тежина, пушење, алкохол и нередовна физичка активност.
Новинар Соња Рилковска