После ковид затишјето и целосно спласнатиот интерес за имунизација, деновиве повторно раздвижено пред пунктот за вакцинирање против Ковид во Здравствен дом Охрид. Драстичното зголемување на бројки на новозаразени со КОВИД-19 ги мотивира граѓаните да се вакцинираат со бустер доза. Согласно препораката на Националната комисија за имунизација на граѓаните им е достапна и четврта доза на вакцина, за која охриѓани изминативе денови покажуваат интерес, информира раководителот на Службата за превентива на Здравствен Дом Охрид, д-р Соња Мариноска.
„Бројот на вакцинирани на дневна основа се движи во просек околу 20 лица , такашто од пред три недели до сега вакцинирани се 260 лица . Од почетокот на давање бустер доза, зборувам за трета доза со Фајзер од септември до сега вакцинирани се 6930 лица, а последниве три недели со трета доза само 30 лица се вакцинирани“, вели д-р Соња Мариноска.
Вакцинирањето е достапно без закажување во пунктот во Здравствен дом . Бустер доза можат да примат сите лица над 18 години кои веќе се имуницирани иницијално со две доци вакцина против ковид, но препораката на здравствените власти посебно е до лицата над 60 години, лица со хронични болести и коморбидитети и имунокомпромитирани лица, по 6 месеци од примената ревакцина. Бустер дозите се со вакцината Фајзер а Здравствениот дом од пред два дена доби дозвола да ја аплицира и вакцината на Модерна, информира д-р Мариноска.
Вакцината штити од тешка форма на болеста, од хоспитализација и смртен исход и посебно е важно ризичните групи граѓани да се заштитат преку имунизација од Ковид 19, посочува др Мариноска.
Во Охрид изминативе денови има по околу 30тина нови случаи дневно, а во моментов активни се 222 случаи на Ковид ,според извештаите од Министерството за здравство. Но епидемиолозите сметаат дека реалните бројки се повеќекратно поголеми затоа што голем број од инфекциите не се регистрираат од системот затоа што граѓаните се тестираат со тестови од аптека или воопшто не прават тест.
Пореална слика даваат ординациите на матичните лекари кои деновиве се полни со пациенти. Лекарите апелираат граѓаните да се тестираат за Ковид на само при покачена температура , туку и при симптоми на малаксаност и стомачни тегоби и дијареа.
Според информациите од Општа болница Охрид, на Инфективното одделение има двајца хоспитализирани со КОВИД-19. Пациентите се повозрасни граѓани со средно тешка клиничка слика. Од болницата додаваат дека изминативе неколку дена драстично е зголемен бројот на амбулантски прегледи на лица со симптоми на Ковид 19. На дневна основа има и над 60 прегледи.