Зголемен одзивот на родители во Охрид за имунизација на децата од голема кашлица
Зголемен одзивот на родители во Службата за вакцинации на Здравствен дом Охрид за имунизација од голема кашлица. Вакцината ДиТеПер која штити од дифтерија, тетанус и пертусис, според редовен календар се дава на возраст од 2,4 и 6 месеци , прва ревакцинација на 18 месеци и втора на 7 годишна возраст. Процентот на опфат на децата во охридско со првите три дози е добар и е над 90% , вели Д-р Соња Мариноска – Раководителка на Служба за превентива на деца и младинци при ЈЗУ Здравствен Дом Охрид.
„Меѓутоа нешто е помал процентот со првата ревакцинација на 18 месеци, а тоа е затоа што родителите ја избегнуваат МРП вакцината (вакцината против рубеола, морбили и заушки ) која се дава на година дена и така ја пропуштаат вакцината на 18 месеци затоа што за МРП се одлучуваат многу подоцна да дојдат, неосновано стравувајќи дека таа вакцина може да доведе до аутизам. Ги правиме сите напори за да ги убедиме родителите во спротивното, вакцината и МРП да ја примат во редовен термин и првата ревакцинација за ДиТеПер.“ – вели д-р Соња Мариноска
Низок е опфатот и со втората ревакцинација на 7 годишна возраст, кој изнесува 77%. Интензивно се проверуваат вакциналните списоци по години и се повикуваат родителите на децата кои пропуштиле вакцинација, вели д-р Мариноска.
„Во последно време имаме поголем одѕив и се надеваме дека за кратко време од наша страна ќе бидат повикани сите родители. Меѓу нив ќе има и болни деца кои во моментот не ќе можат да ја примат вакцината, но наше е да ги опомениме што побрзо да дојдат на вакцина и на тој начин да спречиме да се прошири бројот на заболени од голема кашлица во Македонја. И покрај повиканите родители оние што се пропуштени и пронајдени, како и за редовна вакцина, бидејќи дневно правиме списоци, и покрај нив ни доаѓаат и родители кои не се се уште повикани, а нивните деца се со пропуштени вакцини, доаѓаат и ги вакцинираме.“ – вели д-р Мариноска.
Инаку, симптомите на пертусис започнуваат како настинка, 10тина дена по инфекцијата. И пред да се појави карактеристичната кашлица инфицираните можат да ја пренесуваат болеста која е вискозаразна.
„Многу е сериозна болеста кај малите деца и доенчиња бидејќи болеста започнува како настинка меѓутоа понатака веќе втората недела започнува интензивно кашлање што кај малите деца се јавува дури како задушување, го губат дишењето, прават апнеа и паѓаат во респираторна инсуфициенција. Кај поголемите деца се јавува упорна кашлица која го изнемоштува организмот, може да доведе и до скршеници на ребрата и до кила.“ – вели д-р Мариноска.
Во меѓувреме градинките следејќи ги препораките на Комисијата за заразни болести да не се примаат невакцинирани и делумно вакцинирани деца побараа родителите да ги ажурираат податоците за вакциналните картони.
Првиот случај на пертусис во државава беше регистриран на 5-ти јануари, а до денес број на потврдени случаи на голема кашлица се искачи на 31. Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години