Skip to main content

Сообраќајна инфраструктура

Зголемена, но недоволно безбедна вело- мрежа

Должината на велосипедски патеки во Охрид се зголемува, но паралелно треба да се работи на унапредување на безбедноста во сообраќајот на велосипедистите. Препреки, контејнери и возила го отежнуваат движењето и создаваат чувство на небезбедност кај велосипедистите, за што говорат и статистиките на СВР Охрид. Од Општината не одговорија на поставените прашања за визијата на Локалната во однос на велосипедската мрежа во градот.
 |  инфодеск  | 
Велосипедски патеки

Велосипедската мрежа во Охрид се зголемува, но треба да се унапреди безбедноста во сообраќајот на велосипедистите. На поголемите улици во градот се исцртани и обоени велосипедски патеки, но истите не се одвоени од коловозите со рабници и столпчиња, некои патеки веќе се избледени и без вертикална сигнализација, попречени со контејнери или континуирано блокирани од паркирани возила. Јован Јованоски од велосипедскиот клуб „Еко Дром“, вели дека има поместување на состојбите во однос на минатите години, но уште многу треба да се работи за да се достигнат Европските стандарди на безбедност.

Јас не се чувствувам безбеден, затоа што сообраќајната култура, за жал се уште е на ниско ниво. Возачите на автомобили не не почитуваат нас велосипедистите. Не сите велосипедски патеки се комплетно безбедни, затоа што имаме одредени препреки на самите велосипедски патеки, во смисол на знаци, контејнери. Особено на Булеварот Туристичка и покрај тоа што има добра велосипедска патека, се појавуаат контејнери. Мислам дека треба да имаме малку подетални сообраќајни решенија за велосипедските патеки.“, вели Јован Јованоски.

Незавидната положба на велосипедиситите како учесници во сообраќајот e нотирана и во статистиките на охридската полициската станица за безбедност во патниот сообраќај. Во текот на минатата година на подрачје на Охрид во 16 сообраќајни незгоди во кои учесници биле велосипедисти, 6 од нив се здобиле со тешки телесни повреди. Зачестена е појавата и на непрописно паркирање на моторни возила на велосипедски патеки и на други јавни површини, за што само во месец јануари годинава поднесени се 24 пријави. Стефан Димоски портапролот на СВР Охрид апелира на поголема култура за безбедноста на велосипедистите и пешаците како ранлива категорија учесници во сообраќајот.

„Сакам да напоменам и да апелирам до возачите, пред се да внимаваат посебно на велосипедистите како учесници во сообраќајот, бидејќи се ранлива категорија учесници, затоа што очекувано е да се зголемува бројот на велосипедски патеки на подрачје на Општина Охрид, со оглед дека урбаниот велосипедизам зазема се поголем замав и дека се почесто велосипед возат не само охриѓани туку и туристите кои доаѓаат на охридско-струшкото крајбрежје. Апелирам уште еднаш и до возачите дека и понатака ќе има предупредување, но и казнување доколку се продолжи со појавата на непрописно оставање, паркирање на возила на коловози, велосипедски и пешачки патеки.“, посочи Стефан Димоски.

Редакцијата на ТВМ телевизија до Општина Охрид постави прашања поврзани со градската велосипедска мрежа, но од таму не одговорија. Не добивме одговори на прашањето каква е визијата на Локалната во однос на вело културата, не добивме одговори за состојбата на моменталните велосипедските патеки, за велосипедски патеки кои со заштитни столпчиња не се одвоени од коловозите и што се прави во таа насока. Исто така не добивме одговор на прашањето дали и колку нови патеки се предвидени за изградба во 2023 година и дали на улиците кои се приоритет за реконструкција во тековната година се предвидени велосипедски патеки. Особено на улицата 7 Ноември која е во програмата на Фондот за комунални дејности за оваа година, а каде има можност во двата правци по една од двете пешачки површини да се адаптираат во велисипедски патеки, за што впрочем во минатото имаше граѓански предлози.