Зголемена посетеноста на охридските археолошки локалитети и музеи
Туристите како најпривлечни локалитети ги избрале Самоиловата тврдина, но и Музејот на вода. Во споредба пак со годините пред пандемијата, над 50 проценти има помала посетеност на сите локации.
Посетеноста на археолошките и музејските локалитети во Охрид и крајбрежјето е задоволителна оваа летна сезона доколку ја споредиме со минатата година, информира Мишко Тутуткоски, директор на НУ Завод и музеј Охрид. Додава со жалење дека споредбите на посетеноста со претходните години се катастрофални заради светската пандемија.
Оваа година на сите локалитети и сите музеи со кои ние стопанисуваме имаме 10 пати зголемена посетеност во однос на минатата година. Но, ако се вратиме на годините пред пандемијата ние може да констатираме дека има 50 проценти помал број на посетеност на сите локации – истакна Тутуткоски.
Иако, градот изобилува со бројни културно-историски објекти, за туристите најатрактивни и понатаму се добро познатите локалитети, кои се симбол на Охрид, Калето и Музејот на вода во близина на Градиште. Интересот на туристите не се променил ниту ова лето.
Најпосетени се двете локации Самоиловата тврдина и Заливот на коските. Галеријата на икони, заради тоа што е специфична и за неа се интересираат повеќе професионалци, не е за секој турист е на последното место по бројот на посетители – додава Тутуткоски.
Директорот Тутуткоски напоменува дека оваа туристичка сезона се забележува прогрес во бројот на посетители на Златната соба и етнолошката поставка сместени во Музејот на Робевци. Овој објект го зазема третото место по посетеност на туристите.